Информацијата за средбата меѓу најголемите политички опоненти, Заев и Мицкоски, поминала само со неколку ваши постови на ФБ страницата на РСЕ. Народот како да не им верува веќе на водачите на партиите, а од друга страна партиските членови и симпатизерите продолжуваат да се палат на секој потег на едните или на другите.
Драже Петрески, на пример, вели дека „Кланот седна да преговара коџамити за народот, не поминува, прочитани сте. Ал Капоне во гробот си вели како не се родив во 21 век“. И Елена Бошњаковска смета дека „сега е време народот да одлучува“, а Владо Здравков прашува: „Кој народ, тој ли што ДПМНЕ го опљачка?“.
Но затоа, по вчерашниот протест во Скопје и во 14 други градови во светот во врска со преговорите со Грција за нашето уставно име, поплава од постови и коментари, дури и зборови на поддршка од дијаспората во Австралија. Ели Андонова, предизвикана од тоа напишала цел есеј, кој скратено се сведува на тоа дека народот никаде го нема кога „треба да реагираме против судството, сиромаштијата, лошото здравство и високата смртност на новороденчињата, загадениот воздух - затоа иритира нивното палење за името. Не можеме да им забраниме да реагираат. Ама можеме да им кажеме дека се лицемери“.
Тина Поп-Христова прашува „А Груевски не е со нив?“, веројатно реагирајќи на огромниот број знамиња со ѕвездата од Вергина, некои црни знамиња со жолти лавови и натписи „Тврдокорни“, транспаренти со ликот на Ќосето...
Мишел Димишковски го коментирал постот на Тина: „Партиски заболен коментар“, а Тина Поп-Христова му возвраќа: „Ова што се случува во Скопје не е партиско лудило?“ Потпишан со Шарам Барам одговара на критиката на Горан Ристан дека „некоја амбасада те дуе чат-пат“: „Ме дуе амбасада? Зашто размислувам со своја глава? Кај беше народот да се крене пред да стане Македонија приватна сопственост на Мијалков, Камчев, Грујо, Ахмети, Ѕинго? Кај беа тогаш патриотите да ја зачуваат Македонија?“
Бале Анчески и Бобан Вукелиќ се расправаат околу бројката на присутните протестанти во Скопје, зашто Бале реагира на текстот во нашата информација дека биле „неколку илјади граѓани“ - „Беа 40 илјади“ – вели, а Бобан иронизира: „Како бе 40 илјади, имаше 140 илјади“.
За Небојша Костур тоа биле „Вмровчиња хоштаплерчиња што ја искрадоа цела Македонија“. И сè така во истиот стил.
И во врска со инцидентот помеѓу полицајката и функционерот на ДУИ во постовите се меша политика, но и етничката припадност. Мартин Мишевски не им верува на власта и на првиот полицаец Оливер Спасовски, па прашува: „Да беше Албанка што ќе направеше?“ Муарем Зендели, меѓутоа, постирал: „Мартин, не е битно дали е Албанка или Македонка, битно е што е овластена да го брани народот, а Спасовски ги брани криминалците и мафијашите“, веројатно реагирајќи на тоа што засегнатиот е близок соработник на Али Ахмети.