Демонстрантите ги критикуваа Соединетите држави, НАТО и Европската унија за конфликтот во Сирија и за создавање несигурност во регионот.
Тие исто така изразија негодување од она како грчката влада се справува со прашања од надворешната политика.
На протестот говореше лидерот на Комунистчката партија Димитрис Куцубас.
„Сирија е во нашето соседство и како што велат нашите луѓе, ако куќата на соседот е запалена, огнот може да стигне и до вашата куќа“.
На демонстрациите осоебно беше истакнато незадоволството од, како што беше речено, самозадоволството на грчката влада во водењето на надворешната политика.
Еден од учесниците на протестот Костас Јанопулос вели:
„Воопшто сме загрижени за настаните во пошироката област, на Балканот, во Егејското Море, во Средоземното Море, случувањата кои се поврзани со конкуренцијата меѓу империјалистичките сили“.
Неодамна повторно ескалираа тензиите меѓу Грција и Турција поради територијалните проблеми во Егејско море.
Грција е во разговори со Македонија за решавање на деценискиот спор околу името.
Повеќето Грци се противат на употребата на зборот "Македонија" во секое решение, бидејќи тоа е името на грчката северна покраина.
Во почетокот февруари илјадници демонстранти излегоа на улиците во Атина, а претходно сличен протест имаше и во Солун, изразувајќи го својот гнев против евентуалното користење на терминот Македонија во секое можно решение меѓу Атина и Скопје.
Тој беше далеку најголем митинг во последниве години, а многу аналитичари сметаат дека се претворил во поширок анти-владин протест поради се поголемото незадоволство кое се таложи во грчкото општество по речиси децениската економска криза.
Многумина дури се на мислење дека овој собир, исто така, може да стане катализатор за пошироки настани во земјата.