Достапни линкови

Македонија ќе има магистрални гасоводи до 2020


Илустрација-мапа на гасоводот ТАНАП кој би требало да ја поврзе Турција со Азербејџан
Илустрација-мапа на гасоводот ТАНАП кој би требало да ја поврзе Турција со Азербејџан

Магистралните гасоводи целосно ќе бидат завршени до 2020 година и ќе бидат донесени до општините, вели министерот за транспорт и врски Горан Сугарески. Тој не прецизира кои се опциите за набавка на гас во Македонија, а аналитичарите оценуваат дека засега единствена можност е рускиот гас.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески најавува дека годинава ќе почне интерконекциската врска со Грција, а дека магистралните гасоводи комплетно ќе бидат завршени до почетокот на 2020 година.

„Тоа значи дека ние како министерство треба да обезбедиме до пред секоја општина да има магистрален гасовод, а во секундарната гасификација тоа треба да го направат општините“, вели Сугарески.

Во Македонија периодов се градат три магистрални гасоводи: од Штип до Неготино, од Неготино до Битола и од Скопје до Гостивар. Досега целокупната количина на природен гас се увезува од Русија преку Меѓународниот коридор 8 кој поминува низ Украина, Молдавија, Романија и Бугарија.

Сугарески во интервјуто на Радио Слободна Европа што ќе го емитуваме во целост в недела на прашањето дали имаат преговори со некоја земја од каде би доаѓал гасот вели дека не би сакал да шпекулира.

„Тоа што за мене е најбитно е процесот да се одвива динамично согласно роковите кои си ги зададовме и кои стојат во договорите, а се разбира дека паралелно ќе ги видиме сите состојби, а власта ќе постапи согласно тоа што е најголем бенефит за граѓаните и државата“, вели Сугарески.

Засега Македонија и нема многу други опции освен да се снабдува со гас од Русија, вели Константин Димитров, професор на Машинскиот факултет во Скопје. Друга можност е да се носи гас во цистерни, но на тој начин ќе биде многу поскап од тој што се доставува преку цевковод, додава тој.

Кога ќе се направи ТАП (Транс јадранскиот гасовод), а кога ќе се направи не можам да кажам, може да се приклучиме, а тој е уште во една фаза на собирање пари за изградба. Тие ќе се приклучат на Транс анадолискиот гасовод во Турција, но од таму Турците треба да направат до грчка граница, па од Грција да тргнат накај Солун па ние да може да се приклучиме“, вели Димитров.

Трансатлантскиот гасовод ги поврзува Турција и Италија преку Грција и Албанија, а тој би требало да биде поврзан со Транс анадолискиот гасовод кој треба да носи гас од Азербејџан.

Во извештајот на софискиот Центар за изучување на демократија насловен „оценка на руското економско влијание во Западен Балкан: oсознавање на врските помеѓу валкaниот капитал и слабата власт“, објавен минатиот месец, се наведува дека Македонија на руски Газпром му плаќа една од највисоките цени за гас во Европа.

„Енергетската зависност на земјата се потпира на Русија поради тоа што таа ја контролира единствената маршрута за природен гас што води до земјата преку Трансбалканскиот цевковод“, се вели во извештајот.

Во меѓувреме, откако власта ја презема СДСМ од ВМРО-ДПМНЕ ја обвинуваат владата дека ги запрела сите проекти за гасификација на земјата, вкучително и оној за поврзување со терминалите со Грција. Од опозициската партија ја прашуваат владата од каде ќе донесат гас и по која цена, критикувајќи ја дека немаат доволно пари предвидено за гасификација во буџетот за оваа година.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG