Достапни линкови

Гасификација во Скопје веднаш, ако има желба


Архивска фотографија - Почеток на изградбата на магистралниот гасовод, Клечовце - Блок станица 5, дел од проектот за Националниот гасоводен систем
Архивска фотографија - Почеток на изградбата на магистралниот гасовод, Клечовце - Блок станица 5, дел од проектот за Националниот гасоводен систем

Гас до Скопје има. Приклучени се болници, училишта, индустриски објекти, а ако локалните власти имаат желба и се инвентивни може да се направи и секундарна мрежа па да се приклучат и домаќинства, велат енергетичари. За гасификацијата на другите градови има различни временски рокови.

По изјавата на директорот на Македонски енергетски ресурси(МЕР), Благојче Котески, дека за две години може да има гасификација во Македонија доколку општините работат на процесот паралелно со МЕР, некои енергетичари велат дека неблагодарно е да се даваат исти рокови за сите градови, зашто состојбите во дистрибуцијата се различни.

Во Македонија досега се гасифицирани само Струмица и Куманово, а во Скопје, иако има гас години наназад, диструбуцијата за гасификацијата не е направена.

Професор Константин Димитров вели дека во Скопје има недоволно развиена, ама сепак постоечка мрежа за гас со магистралните дистрибутивни кракови, и укажува дека може уште веднаш да се прават приклучоци на одредени објекти.

„Донесен е гас на запад до топлана Запад. Приклучен е Клинички центар на гас, многу индустриски објекти веќе се приклучени, училишта се приклучуваат, приклучена е болницата 8- ми септември. Има веќе определени магистрални кракови, само е до инвентивноста и желба на новиот градски татко со раководителите на општините кога би пристапиле до изградба на секундарана мрежа. Имаме примарна дистрибутивна мрежа. Може уште веднаш да се прават приклучоци на одредени објекти или да понудат на граѓаните кои сакаат да се приклучат. Не мора да се чека две години, утре може да се почне. Само треба пари и желба“, вели професор Димитров.

Во Скопје дистрибуцијата за гасификацијата не е направена поради одредени, да не речам, профитерски интереси, рече деновиве директорот на МЕР. Тој посочи и на случајот со Крива Паланка, која не е гасифицирана, а покрај неа поминува главниот гасовод веќе 20 години.

Котевски потенцира дека е донесен гас до блок станица Штип и оти до јануари 2020 година треба да се стаса до Битола, а во тој период ќе може да бидат гасифицирани и Прилеп, Неготино и Кавадарци.

За дистрибуцијата, според професор Димитров, има различни временски рокови.

„Едно е Скопје, а друго е другите градови. Едно е преносна мрежа, друго е дистрибутивна. Различна е дистрибутивна мрежа во Скопје, друга е во Тетово. Што ќе правите дистрибуција, ако нема гас. Не може да се прави просек за две години. За Тетово за две години ќе очекуваме да почне да се размислува за дистрибуција. Во Скопје може веднаш да се гради дистрибуција, сведоци сме дека во минатиот период поранешниот градоначалник Коце Трајановски приклучуваше училишта на гас“, вели Димитров.

Професор Атанаско Туневски од Машинскиот факултет во Скопје очекува за една или две години да има сериозни поместувања со гасификацијата

„Се сложувам дека за две години се можни поместување, пред сè во Скопје, зашто е најголем центар. Ако во Скопје се направи ќе се покрие сериозен дел од државата“, вели Туневски.

Дел од енергетичарите критикуваат дека во изминатиот период во врска со гасификацијата се направиле документи на хартија, но оти на терен не се направило ништо.

Професор Димитров изнесе забелешка дека во новиот закон за енергетика не е дефинирано каде се прекинува преносот, а каде почнува дистрибуцијата на гас.

„Тоа стои отворено и може да направи проблеми на тие што сакаат да направат дистрибутивна мрежа во градот Скопје“, вели Димитров.

Во изминатиот период премиерот Зоран Заев изјави дека има гасоводна цевка до Скопје, но дека нејзината искористеност е од 15 до 20 проценти. Тој рече дека ги мотивира градоначалниците да почнат со изготвување на проектна документација.

„Има главна гасоводна мрежа, но општините мора да имаат главни проекти. Некои од градоначалниците веќе доставија планска документација“, рече Заев.

Во буџетот за оваа година има зголемувања на финансиските средства за гасификација во висина од 120 милиони денари.

Гасификацијата сите ја споменуваат како еден од факторите за намалување на загадувањето, а нејзина реализација се ветува повеќе од 10 години.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG