Достапни линкови

Се зголемува бројот на корисници на гас во Куманово


Архивска фотографија: Гасификација на Куманово
Архивска фотографија: Гасификација на Куманово

За разлика од 2015 година, кога биле потрошени 270 илјади метри кубни гас во Куманово, минатата година потрошувачката достигнала 400 илјади. Почнуваат да се приклучуваат и станбени згради.

Гасифицирањето на Куманово продолжува, се зголемува заинтересираноста на граѓаните за приклучување станбени објекти, освен деловните и училиштата, а се преземаат мерки за овозможување гасификација и на населбата Карпош, вели Драган Петровски, директор на ЈП „Куманово-гас“.

„Во 2016 година задоволство е што имаме продадено, потрошено 400 илјади метри кубни гас, а за околу еден милион денари се изградени приклучоци“, вели тој.

Изградбата зависи од средствата кои претпријатието ги добива од Општината Куманово.

„За разлика од 2015 година, минатата година од 270 илјади кубни метри гас, зголемен е за 130 илјади метри кубни гас“, вели тој.

Драган Петровски, директор на ЈП „Куманово-гас“
Драган Петровски, директор на ЈП „Куманово-гас“

За тековната година Петровски вели дека е оптимист за зголемување на бројот на приклучоците и за проширување на гасоводната мрежа. Според него, со „ГАМА“ немаат проблеми.

„ГАМА го стопанисува преносниот систем кој навлегува од Бугарија кон нас, набавивме количества гас преку „Макпетрол пром гас“ кој пак е снабдувач на преносниот систем и сè се одвива во добар ред“, вели тој.

Досега има 45 приклучоци, од нив меѓу последните се и две училишта и затворениот базен. Во фаза на приклучување се и три згради кои гравитираат кон Булеварот „Октомвриска револуција“, со околу 90 станбени единици, како и една нова зграда во непосредна близина на затворениот базен со 120 станбени единици.

Има заинтересираност и за централното градско подрачје.

„За приградските населби сме во фаза на изготвување на основни инфраструктурни проекти за да навлеземе во Рајкова куќа (населба Карпош) за индустрискиот дел. Имаме некои пропратни проблеми кои во наредниот период ќе ги надминеме“, вели тој.

Иако има голема заинтересираност за гасифицирање, граѓаните во неофицијални разговори коментираат дека нивната желба за приклучок и користење на ова еколошко гориво не коинцидира со можностите на повеќето.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG