Повод за овој текст е прес-конференцијата на министерот за култура Роберт Алаѓозовски во која тој ја претстави Националната стратегија за развој на културата во Република Македонија во периодот 2018-2022 година. Морам да признаам дека многу размислував за тоа дали вреди да се потрошат часови во пишување колумна на оваа тема, во време кога често се коментира во насока: „Чуму култура во ваква држава кога има многу посериозни прашања и актуелни состојби поврзани со името на државата и нејзиниот суверенитет, државност и идентитет на нацијата, чуму трошење време елаборирајќи проблеми, скандали и лажни вредности во културата?“ Сепак, не останав рамнодушна и за мене беше доволно провокативна споменатата прес-конференција на министерот за култура. Мојот став по повод објавената Национална стратегија неколку пати во изминатиов период јавно го објавив на фејсбук профилот, нешто што, морам да признаам, одамна не сум го направила, бидејќи моите ставови кон одредени состојби во културата во претходниот период претежно сум ги манифестирала преку сопствената уметност.
Првата голема забелешка што ја имам во однос на самата прес-конференција и во однос на министерот лично, е дека стратегијата се презентира во сосема погрешно време и на сосема погрешно место. Се наметнува темпо со лоботомистички ритам, сè со цел да се заборави сето она што претходно се случуваше во врска со годишниот Конкурс на Министерството за финансирање проекти од национален интерес за 2018 година. Презентацијата на министерот беше во духот на квазиполитички говор со употреба на реторика и фрази од типот: „за прв пат“, „демократизација на културата“ итн. Навистина сметам дека оваа реторика им припаѓа на идеологии што воопшто не се демократски и веднаш ви станува јасно дека се работи за еден добро научен популистички говор. Желбата да се биде прв во нешто е апсолутно „анахрона“, термин што многу често го употребува и самиот министер. Погрешно избраното време на прес-конференцијата се манифестира во однос на тоа што не е можно да имате сериозен пристап кон самата Стратегија, кога само пред неколку дена јавноста беше запознаена со бројните сериозни скандали што произлегоа од самото Министерство во врска со споменатиот годишен Конкурс. Повеќемина експерти се согласија дека ова е еден од најконтроверзните конкурси што Министерството за култура го објавило досега и дека се крајно сомнителни критериумите според кои беа доделени средствата. Истовремено, повеќемина експерти од областа на правото и борбата против корупцијата јавно ги повикаа надлежните институции сериозно да ја преиспитаат целата процедура. Веројатно тоа беше доволно за министерот за култура „храбро“ да излезе на прес-конференција и да ја објави Стратегијата (иако повторно се забележа она непријатно потење, особено што ниту еден новинар на самата прес-конференција не му постави прашање поврзано со содржината на Стратегијата). Жално е што предложената Стратегија малку неславно го започна својот живот.
Тоа е така поради преголемите очекувања од министерот за култура. Јас лично очекував поголем интелектуален интегритет од него, а не повторно да го видиме на дело послушничкиот менталитет при спроведувањето на коалициските меѓупартиски договори. Ова е особено забележливо во најновата информација што беше пласирана на прес-конференцијата, т.е. фалбата дека четирикратно ги зголемил финансиите во културата за Албанците во Република Македонија, заборавајќи да појасни по кои критериуми е направено тоа и зошто мора тоа да биде така. Секако дека не е спорно да се додели и целосен буџет на некој што навистина го заслужил тоа, па макар тоа да биде и единствениот Кинез што живее во Македонија.
Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.