Пишаните и електронските медиуми најавија: „Од четврток бесплатен јавен превоз во Скопје“, наслови Независен весник во своето он-лајн издание, појаснувајќи дека тоа е одлука на Градот Скопје поради загадениот воздух во главниот град. „Оставете ги возилата дома, од утре бесплатен јавен превоз – објави градоначалникот Шилегов“ – наслови Нова Македонија во изданието од среда. Слободен печат истава вест ја објави на насловната: „На работа сите со автобус, без пари е!“ Но според денешната вест на порталот Плусинфо, „И со гага превоз, автобусите возеа празни“, скопјани изгледа порадо на работа оделе со своите автомобили што се гледа од фотогалеријата на порталот со речиси празните автобуси на ЈСП, а како што пишува, „на семафорите се редеа колони возила“.
Нова Македонија информира: „Цела Македонија се гуши во смог“ – објавувајќи ги податоците дека во средата мерните станици покажале оти најзагадени делови во Скопје со ПМ10 честичките биле кај Ректоратот, во Лисиче и во Центар, но дека ситуацијата не била подобра ниту во Кичево, Тетово, Битола Куманово, Велес и Кавадарци. Изгледа сите треба да одиме на планина: истиот весник објави дека единствената мерна станица што не покажува загадување на воздухот е во Лазарополе, со само еден микрограм отровни честички на метар кубен.
Сите медиуми ја објавија веста дека ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува на денешната собраниска седница за пратенички прашања. Ова поради одлуката на Кривичниот суд за продолжување на притворот за уште еден месец на притворените за насилствата на 27 април во Собранието, како што појаснува Независен весник. Медиумите ја објавуваат и изјавата на премиерот Заев дека седницата ќе трае кратко, зашто „нема намера да одговара на прашањата на пратениците од владејачкото мнозинство“.
„Замениците министри на Села поднесуваат оставки – Заев: очекуван потег“, наслови он-лајн изданието на Независен весник, а Вечер ја објавува изјавата на Села, кој смета дека министерското место во Здравство, по оставката на Таравари, требало да му припадне на Алијансата на Албанците: „Се сомневам дека СДСМ и ДУИ го зедоа Здравство за Клинички од 150 милиони евра“.
Нова Македонија и Независен весник објавија дека „Филипче ’тргнува‘ со паралелниот увоз на лекови“, додавајќи дека новиот министер за здравство на последната седница на Владата настапил со измените на Законот за лекови во делот на паралелниот увоз, благодарение на што во Македонија во време на власта на ВМРО-ДПМНЕ се увезувале фалсификувани лекови од Турција.
Вечер пренесува од Телма ТВ: „Повторно скандал, повторно се спомнува Шеќеринска: Кој во Владата фалсификува документи? – Три места за членови на надзорен одбор, а четири имиња впишани во Централниот регистар“. Порталот Република.мк, пак, го спомнува генералниот секретар на Владата: „Рашковски правел пиши-бриши на одлуките на Владата“.
„Над 68% од универзитетските професори сакаат да заминат во странство“. Со ваков наслов Вечер ги објавува податоците од една студија презентирана на Правниот факултет во Скопје, а во текстот се објаснува дека прашањето во истражувањето било „доколку им биде дадена понуда“.
Нова Македонија објавува информација изведена од тајни документи пронајдени во Сирија и Ирак: „Од каде потекнува оружјето на Исламската држава“. Дури 43% е произведено во Кина, оружје на џихадистите им продавале и Србија, Бугарија, Романија, Полска, Германија, Чешка, а „иако припадниците на ИД парадираа со запленета западна воена опрема, американското оружје кај нив сочинува само 1,8%“ – објавува Нова Македонија.