Непосредно по последните парламентарни избори голем дел кумановци веруваа дека животот ќе им се подобри. Откако се соочија со турбуленциите во централната власт, како што некои од запрашаните велат, ништо не им останува, туку да си прават шеги на сопствена мака. И да велат дека сега им е подобро, оти и онака се немоќни нешто да сменат. Додека младите бараат начини да заминат на печалба и трајно да се иселат, повозрасните бројат денови до новата пензија или пак до првата. На големиот Градски плоштад во помали групи врсници или колеги од некогашни фирми зборуваат само за здравјето и велат дека ништо друго не ги интересира. А некои од стечајците ги очекуваат решенијата и се надеваат дека ќе биде испочитувано ветеното за нивно обесштетување. На прашањето го чувствуваат ли ветениот живот од сегашната власт, кумановци одговараат со неочекувана иронија.
„Сто отсто, сериозно мислам, се уште не се гледа, ама треба да почекаме, па да видиме.“
„Без коментар.“
„Живи сме, стоиме на сонцето, се топлиме, дојде животот, а и до сега не бевме умрени.“
„Сè е подобро отколку што беше, никогаш подобро не сум живеел, во секоја смисла и во примања и во сè.“
„Рано е уште, само два месеца. Уште не можат да се комплетираат. Ни тие не знаат, а не пак ние. Компасот си го вртат како им одговара, а за народот,.. ветуваа и уште ветуваат.“
„Ќе биде подобро. Тешки се првите сто години, потоа ќе биде, ќе биде, се надеваме.“
„Има подобрување во секоја смисла, сега го нема теророт што беше.“
„Лажат сите, такви отидоа, такви дојдоа. Како во старата песна на Тијана Дапчевиќ „Све је исто само њега нема.“
„Не дошол „животот“ ниту за дел од граѓаните. Мислам дека проектите што беа ветувани во програмата не се ниту започнати, а ако продолжат со вакво темпо нема ни да започнат. „Животот за сите“ како што беше во пропагандата, мислам дека не држи вода“, велат некои од запрашаните кумановци пред новогодишните празници.
Велат дека ниту празнувањата не се како што треба да бидат.