Достапни линкови

Кумановци не знаат што работи Омбудсманот


Насер Весели, канцеларија на Народен правобранител во Куманово
Насер Весели, канцеларија на Народен правобранител во Куманово

Намален е бројот на граѓани кои барале правна помош од Народниот правобранител во Куманово. Граѓаните не се сетилe да се обратат за помош до Правобранителот, кога им требало или не се убедени дека тој може да им помогне.

Од подрачната канцеларија на Народниот правобранител во Куманово, велат дека годинава има стотина предмети, а намален е бројот на граѓаните кои барале правна помош во однос на лани.

Некои од запрашаните граѓани велат дека немале потреба да се обратат до правобранителот, а некои пак, дека кога биле во таква ситуација или не се сетиле дека има можност, или пак не се многу убедени дека може да им се помогне, оти правобранителот нема извршна власт.

„Искрено не сум побарала помош. Мислам дека само ќе побарам помош и на тоа ќе остане, бидејќи правобранителот може само да реагира, нема извршна власт и ќе остане на тоа, зашто тој не може да ја спроведе одлуката.“

„Не сум се обратила до сега. Не сум имала потреба, а кога би имала потреба секако дека би се обратила.“

Правобранителот, Насер Весели, вели дека меѓу поднесените барања за помош има од повеќе области, иако речиси од секоја област има намалувања. Најчесто граѓаните реагирале од кршење на правото по основ на персонален данок, ЕВН, урбанизам, полициско однесување, за нерегулиран пензиски стаж, за укинување социјална помош, за кршење на потрошувачките права.

„Немаме жалби за другите потрошувачки права од типот дали артиклите, пред сè прехранбените, дали се со изминат рок, дали се почитуваат гаранциите, иако сите сме сведоци дека тука не ни цветаат розите“, вели Весели.

Што се однесува до нерегулираниот пензиски стаж граѓаните реагираат откако ќе ги исполнат годините за пензија.

„За жал има случаи кога работодавачите не ги плаќале придонесите, фирмите отишле под стечај или се ликвидирани, а граѓаните мислеле дека им се плаќани придонесите.“

За корисниците на социјална парична помош, Весели вели дека за некој ситен трансфер на средства им се укинува помошта.

„Актуелно е што оние кои земале парична помош,а во меѓувреме им стигнал некој брз трансфер на средства, ја изгубиле помошта. Сите тие граѓани, на некои им се бараше и да ги враќаат парите, од тоа што видов не соодветствуваше да ги враќаат, тие треба да се обратат до Центарот за социјални работи. И доколку имаат евентуални проблеми можат слободно да се обратат кај нас.“

Весели додава дека граѓаните често пати кај правобранителот се обраќаат кога веќе е доцна и не може да се реагира.

„Еве на пример за симнување на радиодифузната такса која пристигнува кај повеќе членови во едно семејство, ние веднаш по најавата на политичката партија која сега е на власт знаевме дека треба да се реагира, но тоа не може ретроактивно. А луѓето мислат дека е готово“, вели Весели.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG