Достапни линкови

Препораките на Омбудсманот во собраниските фиоки


Собранието или не сака или е доведено во таква состојба да не може да врши контрола над извршната власт, вели Народниот правобранител Иџет Мемети. Собраниските служби, пак, велат дека соработката обврските кон Омбудсманот се исполнуваат.

Власта нема слух за препораките на Народниот правобранител, а соработката со институциите на системот е минимална, вели омбудсманот Иџет Мемети во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Освен медиумската покриеност на годишните извештаи, Мемети вели дека препораките не се сфаќаат сериозно и додава дека како резултат на отежнатата соработка со институциите, дел од предметите коишто ги отворил не добиле своја завршница.

„Општите препораки кои произлегуваат од состојбите за разните области остануваат во фиоките на Собранието. Затоа што законодавната власт или не сака или е доведена во таква состојба да не може да врши контрола над извршната власт, а препораките на Омбудсманот се во таа насока, односно тие се алатка во рацете на законодавната власт да ја контролира извршната и да ги подобри состојбите, било во насока на носење на закони или во насока на спроведување на истите,“ вели Мемети.

Правобранителот со жалење констатира дека неговите препораки немаат ефект и дека тој многу малку може да промени, ако нема политичка волја.

„Кај нас се е исполитизирано. Кај нас граѓаните не ги штити процедура и систем. Може да ги штити само познавања, односно се што е надвор од тоа што значи правила на однесување. Затоа посакувам што побрзо да заврши оваа состојба“, истакнува Мемети.

Од собраниските служби велат дека соработката е добра и оти обврските кон Народниот правобранител се исполнуваат. Омбудсманот редовно го презентира својот извештај пред пратениците, велат од таму и додаваат дека конкретните прашања на омбудсманот треба да се испраќаат до конкретната комисија која понатаму одговора на неговото барање.

„Обврските што ги има Собранието кон Омбудсманот или која било институција се исполнети во целост“, изјави собранискиот портпарол Тодор Пендаров.

Наспроти недостигот на соработка со државните институции, правобранителот посочува дека расте довербата на граѓаните кон институцијата Омбудсман. Таквата тенденција била забележана во последните две години на континуирана политичка криза која, пак, предизвика слабеење на довербата на граѓаните во институциите на системот.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG