„Раскол во ВМРО-ДПМНЕ – Димовски, Милошоски, Вељаноски и 27 видни членови на партијата отворија фронт против Груевски“ – насловува Слободен печат, а Вечер објави: „Брза реакција - ВМРО-ДПМНЕ ќе одлучува за одложување на конгресот по јавниот повик на поголема група основачи, пратеници и кандидати за нов претседател поради забележани неправилности во постапката за кандидатура“. Во медиумите, инаку, почнаа да излегуваат и јавно искажаните забелешки до Груевски. Порталот Фокус.мк оди со наслов: „Димовски се пожали дека Груевски не им ги слушал сугестиите“, а Вечер покрај изјавата на Димовски, ги пренесува и зборовите на Милошоски: „Кога разговарате со него, Груевски слуша декларативно“.
Нова Македонија објави: „Нови истраги на СЈО – по барање на поранешен началник за оперативна техника во УБК, странска компанија подготвила извештај во кој е наведено дека на подрачјето на град Скопје со своја опрема детектирала нелегални активности со дупли базни станици со што требало да ја потврди тезата на тогашниот државен врв дека странски служби извршиле масовно незаконско прислушување. Странската компанија, пак, со фаворизирање на сега осомничените добила тендер за набавка на опрема за МВР“. Истиот весник објавува: „Силвана Бонева ’заработила‘ 100.000 евра за лажни патни трошоци. Станува збор за случајот со кодно име ’Друмарина‘ , една од седумте нови истраги што ги обелодени СЈО“. Вечер ја бележи изјавата на Костовски од ВМРО-ДПМНЕ: „СЈО по наредба на Заев тргнува во офанзива против членови и функционери на ВМРО-ДПМНЕ“.
Печатените медиуми информираат дека во Кривичниот суд судиите добиле нов годишен распоред. „Како и што се очекуваше“, пишува Вечер, „искусните кадри кои пред две години без образложение беа испратени во Одделот за прекршоци се враќаат да судат предмети од организиран криминал. Судијките спомнувани како ’Сваровски‘ во прислушуваните материјали од тефтерчето на ексминистерката Јанкулоска, наместо предметите на СЈО ќе судат во Одделот за прекршоци“.
Нова Македонија и Вечер објавуваат дека МВР добило известување од партијата дека „ВМРО-ДПМНЕ секој ден ќе блокира гранични премини“. Ова во знак на протест против притворените учесници во крвавите нереди во Собранието на Македонија на 27 април, меѓу кои има и членови на сега опозициската партија.
Порталот Република.мк оди со наслов: „Дели ли Шеќеринска тендери под маса: Набавката на мазут за Министерството за одбрана ќе ја врши фирма без лиценца“. Вечер го објавува соопштението дека „Министерството за одбрана ќе започне постапка за раскинување на договорот со ’Пуцко Петрол‘ за снабдување со мазут“. Ваквата одлука била донесена откако Регулаторната комисија испратила информација дека компанијата нема право да врши набавка на овој нафтен дериват.
Како за крај на прегледов, да се потсетиме дека се ближи Нова Година: „Празници се ближат, охриѓани тријат раце“ насловува Слободен печат додавајќи дека хотелските капацитети во градот речиси се распродадени и дека туристичките работници ги привршуваат подготовките за претстојните божикни и новогодишни празници.