Достапни линкови

Нови 7 истраги на СЈО, осомничени поранешни министри и пратеници


СЈО со 7 нови истраги против 17 лица
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:22 0:00

СЈО со 7 нови истраги против 17 лица

СЈО отвори седум нови истраги со кодни имиња „Странски служби“, „Друмарина“, „Рентген“, „Продуцент“, „Лидери“, „Тарифа“ и „Транспортер 2“. Осомничени се 17 лица.

Нови седум истраги против 17 лица отвори СЈО. Првата истрага насловена „Странски служби“, како што посочи обвинителката Фатиме Фетаи, се однесува на злоупотреба на службена должност на две лица, при што првосомничениот кој бил началник на одделот за оперативна техника во УБК во 2014 година побарал од странска компанија да изготви извештај во кој било наведено дека со своја опрема во Скопје детектирале нелегални активности поврзани со двојни базни станици.

„Ваквиот извештај требало да ја потврди тезата на тогашниот државен врв дека масовното незаконско прислушување го извршиле странски служби. Се разбира свој интерес за изготвување на ваков невистинит извештај имала и странската компанија и таквиот интерес набрзо се реализирал“, рече Фетаи.

Еден месец по извештајот во декември истата година, компанијата, како што наведе Фетаи, надвор од процедурите за јавни набавки, со помош на осомничените, добила тендер за набавка на опрема за потребите на МВР.

Втората истрага „Друмарина“ е отворена поради сомнение дека осомничената, која тогаш била пратеничка во Собранието, сторила кривично дело измама во службата во врска со користење на право на надомест на патни трошоци.

„Меѓутоа од прибавените докази излегува дека истата имала сместување во Скопје и не ги остварила прикажаните патувања на посочената релација за присуство во собранието“, посочи Фетаи.

Според неа, тоа го покажува километражата на автомобилот на пратеничката, при што за фиктивните патувања од јуни 2011 до декември 2015 година на осомничената и биле исплатени околу 100 илјади евра.

Во истрагата „Рентген“ е осомничен поранешниот министер за здравство кој во 2012 година при постапка за јавна набавка на рентген апарати и друга опрема фаворизирал една од компаниите кои учествувале во постапката. Рамковната спогодба, наведува Фетаи, министерот ја прекинал откако во јавноста во јануари 2014 година беа објавени информации за учеството на позната новинарка и нејзината мајка во сопственичката структура на фирмата која го добила тендерот.

Истрагата „Продуцент“ се однесува на уште еден поранешен министер, односно екс-министерот за земјоделство, кој според Фетаи е осомничен дека во ноември 2009 година склучил договор без јавна набавка за соработка со фирмата Смарт Центар Дооел Скопје во вредност од 50 илјади евра. Според договорот, фирмата била, продуцент на емисијата „Боја на парите“ која се емитувала на телевизија Сител, а министерството закупило простор за емитување на програмски пакет.

Петтата истрага под име „Лидери“ која поттекнува од јавно објавен прислушуван разговор се однесува на договарање на политика на уривање на евентуално бесправно изградени објекти меѓу двајца лидери на политички партии. Објектот, како што посочи Фетаи, бил изграден без одобрение за градба спроти седиштето на една странска амбасада. Во истрагата е осомничен само инвеститорот на градбата.

please wait

No media source currently available

0:00 0:04:20 0:00
Директен линк

Шестата и седмата истрага се продолжение на истрагите за Тарифа и за Транспортер. Тарифа се однесува за злоупотреба на имплементација на софтвер во АД Елем и осомничено е лице кое е веќе обвинето во случајот, но за ново кривично дело. Со тоа, наведе Фетаи, осомничениот ја оштетил компанијата за речиси 219 илјади евра.

За „Транспортер 2“ повторно е осомничен поранешниот градоначалник на Битола, но и уште тројца директори на средни училишта кои не биле опфатени во претходната истрага за нелегален превоз на ученици.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG