Достапни линкови

Европски пари за европска иднина на Македонија


Клучни приоритети за кои треба да се искористат дел од европските пари се проектите за контролата на границите и миграциската политика, поефикасна борба против тероризмот и организираниот криминал и превенцијата од радикализам и насилен екстремизам.

Европската унија останува посветена на Балканот. Покрај зачестените средби на високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ Федерика Могерини со лидерите од регионот на кои била покажана јасна поддршка за европската перспектива на Западниот Балкан, Унијата даде зелено светло за нова финансиска помош на земјава. Македонија доби помош од над 72 милиони евра за поддршка на демократијата и владеењето на правото и за зајакнување на економскиот раст и развој на земјата.

Во соопштението од Европската унија се наведува дека клучни приоритети за кои треба да се искористат дел од средствата се проектите за контролата на границите и миграциската политика, поефикасна борба против тероризмот и организираниот криминал, а посебно внимание ќе биде посветено на превенцијата од радикализам и насилен екстремизам.

За евроамбасадорот Самуел Жбогар, овие средства покажуваат колку е сериозна Унијата во намерата да ја види иднината на земјата во ЕУ.

„Затоа сега инвестираме во подобрување на сите нејзини системи и нивно усогласување со стандардите на ЕУ, не поради барањата на ЕУ, туку во корист на секој граѓанин. Изгубеното време треба да биде фатено преку посилна посветеност на Владата и администрацијата на тековните реформи и со посилно вклучување на народот во реформите. Одговорност на секој поединечно е колку далеку оваа земја ќе отиде“, вели евроамбасадорот Самуел Жбогар.

Овие 72 милионa евра се дел од средствата од ИПА кои се планирани за периодот 2014-2020 година. Секретаријатот за европски прашања треба да реши каде конкретно и за што ќе бидат алоцирани средствата. Досегашното искуство покажува дека парите се доделуваат за проекти во неколку сектори за коишто пак, може да аплицираат државни институции, невладини организации, поединци. Не секогаш конкретниот проект е финансиран само од ИПА средствата, туку кон нив може да се додадат и пари од буџетот. Последен пример за ова е пречистителната станица за отпадни води во Струмица, која во еден дел беше финансирана од европската помош, а дел од средствата беа буџетски. Еден дел од парите од ИПА честопати се искористуваат и за институционална поддршка и одат кај институциите.

Но, она што е чест проблем кај земјите кандидатки за членство во ЕУ е неискористеноста на фондовите на ЕУ. Истиот проблем го има и во Македонија, која според неофицијални проценки, искористила околу 40 проценти од средствата што и стојат на располагање. Проблемот, велат упатените, е во немањето капацитет да се програмираат и имплементираат самите проекти.

„Поголемиот проблем којшто ние го гледаме е институционалниот капацитет којшто е еден од клучните фактори кои и во останатите земји влијаеше да биде ниска искористеноста. Градењето на овој капацитет е долготраен процес. Кај нас е проблем затоа што многу од кадрите коишто работеа на ова прашање и кои беа тренирани од ЕУ и имаа искуство, дел од нив си заминаа од институциите, а кај дел од нив поради динамиката на самиот процес, немаше таков напредок во знаењата“, вели Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика.

Она што треба да се направи, посочува Кацарска, е да се направи проценка на иницијалните капацитети и да се утврдат точките кадешто е клучно да се зајакнат капацитетите, пред се во Секретаријатот за европски прашања, во министерството за финансии и секторите за ИПА во министерствата. Упатените порачуваат дека приоритет на новата влада треба да и биде трошењето на странската помош, додавајќи дека за зголемување на ефикасноста на искористеноста неопходно е координирање на активностите.

Инаку, Инструментот за претпристапна помош II (ИПА) е главната алатка за финансирање на Европската унија за финансиска поддршка на реформите во земјите од Западен Балкан и Турција и да ги подготви за идно членство во ЕУ. Вкупната финансиска рамка за Македонија изнесува 664 милиони евра за периодот 2014-2020 година. Од нив 250 милиони евра се наменети за големи инвестиции во капацитети за управување со отпад и вода, транспортна мрежа и објекти за наводнување. Околу 150 милиони евра ќе поддржат големи реформи во јавната администрација, јавните финансии и правдата, како и граѓанското општество. Останатите средства од над 260 милиони евра се наменети за подобрување на економскиот раст, земјоделството и руралниот развој, подобрување на образованието, зголемување на динамиката на пазарот на трудот и обезбедување современ систем за социјална заштита.

Од 2007 година, земјата доби повеќе од милијарда евра од ЕУ за поддршка на клучните реформи и инфраструктура. До 2020 година ќе бидат доделени дополнителни 250 милиони евра. Ова финансирање помага да се модернизира земјата и да се донесат конкретни придобивки за граѓаните во сите сфери на животот.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG