Калед Елгинди од Институтот Брукингс вели дека ова можеби е крај на нешто што се нарекува мировен процес предводен од Соединетите Држави.
„Не можам да замислам како палестинското раководство ќе може да оди напред со кој било американски спонзориран мировен процес по нешто како ова. Мислам дека палестинската јавност нема да го дозволи тоа“, вели тој.
Статусот на Ерусалим – свето место на трите најголеми светски вери муслиманската, еврејската и христијанската, е една од најопасните пречки за постигнување мировен договор меѓу Израел и Палестинците.
Овој потег, исто така, покренува низа прашања и во врска со предложеното решение за две држави меѓу Израел и Палестинците.
„Мировниот процес под американско покровителство досега е единствениот пат што го знаеме за да ја постигнеме таа цел. Значи, во отсуство на тоа никој не знае дали е можно да се постигне решение за две држави преку некои други средства“, вели Елгинди.
Трамп ја донесе оваа одлука и покрај тоа што беше повикан да не го стори тоа од неколкумина арапски лидери.
Тој со тоа ја потврди неговата политика спрема Израел како главен сојузник на Соединетите Држави на Блискиот Исток.
Критичарите велат дека одлуката за признавање на Ерусалим како главен град на Израел е надвор од политичката реалност на теренот.
Таа, исто така, ризикува дополнително да го разгори регионот кој веќе е зафатен со конфликти во Сирија, Ирак и Јемен.
Одлуката на Трамп, најверојатно, ќе ги задоволи неговите главни поддржувачи, републиканските конзервативци и евангелските христијани, кои претставуваат важен дел од неговата политичка база.
Трамп при донесувањето на одлуката дејствувал според законот од 1995 година, кој бара од САД да ја пренесат својата амбасада во Ерусалим.
Неговите претходници, Бил Клинтон, Џорџ Буш и Барак Обама, доследно ја одложуваат таа одлука за да ги избегнат тензиите на Блискиот Исток.