Достапни линкови

УНЕСКО поделено и без пари избира нов шеф


УНЕСКО избира нов генерален директор
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:53 0:00

УНЕСКО избира нов генерален директор

Политизирана агенција која изумира и промовира лажна историја. Ова се само дел од оценките кои покажуваат колку геополитичките поделби ја парализираат работата на Агенцијата за образование и култура на Обединетите нации, УНЕСКО. Оваа Агенција неделава избира нов генерален директор.

Кој и да победи во трката за да ја замени сегашната генерална директорка на УНЕСКО Ирина Бокова ќе мора да се обиде да ја врати релевантноста на оваа агенција која изникна на пепелта на Втората светска војна, но која постојано е соочена со регионални ривалитети и недостиг на пари.

Колку е токсична ситуацијата покажува и примерот со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кој на годинашното Генерално собрание на ОН изјави дека УНЕСКО промовира лажна историја.

„УНЕСКО ја прогласи Гробницата на патријарсите во Хеброн за палестинско светско наследство. Тоа е полошо од лажна вест. Тоа е лажна историја“, рече тој.

Израелско-палестинското непријателство е само едно од многуте долгорочни прашања кои ја оптоваруваат работата на ова тело.

Јапонија, на пример, се закани дека нема да ги исполни своите обврски откако УНЕСКО ги вклучи кинеските документи за масакрот во Нанџинг во 1937 година во програмата „Сеќавања на светот“.

Оваа агенција со седиште во Париз, која исто така ја поддржува и слободата на печатот, во понеделникот ја започна седницата на извршното тело на која се гласа за седумина кандидати за директор.

Тие се од Азербејџан, Кина, Египет, Франција, Либан, Катар и Виетнам, но ниту еден не е изразен фаворит.

УНЕСКО се соочува со големи проблеми откако во 2011 година САД го откажаа нивниот удел во буџетот на Агенцијата во знак на протест за одлуката да им се даде полноправно членство на Палестинците.

Тоа доведе УНЕСКО да откаже некои програми и да го замрзне вработувањето.

Уште во 1984 година, САД се повлекоа од организацијата, со забелешка дека таа била политизирана.

Кандидатот на Катар, Хамад бин Абдулазис ал Кавари изјави дека најголемо внимание ќе им посвети на напорите за враќање на Вашингтон.

„Ве уверувам дека не постои сомневање оти УНЕСКО има потреба од учество на сите земји во светот, без исклучок, мали или големи. И ние нема да штедиме напори во нашиот дијалог со Соединетите Држави“, рече тој.

Гласањето за нов директор на УНЕСКО се одвива пет рунди. Доколку двајцата кандидати имаат ист број гласови, тогаш директорот се избира со ждрепка.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG