Достапни линкови

Помирни тонови пред разговорот меѓу Заев и Вучиќ


Амбасадата на Србија во Скопје, 21.08.2017.
Амбасадата на Србија во Скопје, 21.08.2017.

Пред денешниот телефонски разговор на српскиот претседател Александар Вучиќ и македонскиот премиер Зоран Заев, двајцата зборуваа дека „нема причина за голема грижа“ и дека „треба да се заштитат билатералните односи“.

По бурните три дена на релација Белград-Скопје пред денешниот телефонски разговор на македонскиот премиер Зоран Заев и српскиот претседател Александар Вучиќ од двете стани стигнуваат се чини посмирувачки тонови.

Заев во изјава за српски „Блиц“ го повтори тоа што вчера попладне го кажа и министерот за надворешни работи дека Владата во Скопје никогаш ниту имала намера, ниту дала упатства за вршење какви било разузнавачки активности против која било соседна земја, вклучувајќи ја и Србија. Заев уверува и дека новата Влада силно е посветена на изградбата на добрососедски односи со Србија.

„Без какви било предвремени заклучоци го почитуваме и поддржуваме повикот на официјален Белград да ги заштитиме билатералните односи меѓу Србија и Македонија и да воспоставиме стандарден кодекс на однесување. Се надевам дека денешните разговори со Вучиќ ќе ги решат сите евентуални недоразбирања“, вели Заев.

Српскиот претседател, пак, во синоќешното интервју за Радио Телевизија Србија рече дека нема причина за паника и голема грижа, бидејќи никој не сакал судири, ниту ќе ги има, „но ние мора да ја чуваме државата и тоа е наша уставна обврска“.

„Втората работа е дека Србите и Македонците се два блиски и пријателски народа, независно какви им се органите на власта или расположението и се надевам тоа ќе го имаат предвид и раководствата таму и овде“, рече Вучиќ.

Односите меѓу двете земји тешко дека ќе бидат на највисоко ниво, туку на пристојно, нагласи српскиот претседател кој додаде и дека приемот на Косово во УНЕСКО нема врска со овој потег на Србија, но сепак остана на тврдењето дека знаат оти Македонија ќе гласа за тоа.

Македонскиот министер Димитров, пак, пред интервјуто на српскиот претседател од Скопје порача дека земјава не е во ситуација да има водечка улога за тоа прашање, но како елементи при градењето на ставот ќе се води пред сè од своите интереси, земајќи ги предвид и интересите на Белград и Приштина.

„Не знаеме кога ова прашање ќе биде на дневен ред, можно е да биде идната есен, а дотогаш може да се сменат многу работи, можеби ќе има промени во некои ставови и на инволвираните страни, така што освен елементите не би сакал да бидам многу попрецизен и подециден сега, денеска“, рече Димитров.

Односите меѓу двете земји веќе извесен период се делумно проблематични. Покрај позициите на Македонија во однос на Косово уште од 2008 година кога власта под раководството на ВМРО-ДПМНЕ ја призна независноста на тогаш новиот сосед, поголеми препукувања се појавија во последниве месеци.

Вучиќ во предизборната претседателска кампања бараше да не се дозволело „македонско сценарио“ по што Заев употреби термин “националистичко раководство на Вучиќ“.

По инцидентите на 27 април односите се затегнаа и поради присуството на српскиот разузнавач во македонското собрание. Српскиот претседател вчера рече дека тој човек не отишол таму сам од себе, туку дека го прашал највисокиот претставник на извршната власта во Македонија. Според него, тоа потоа било искористено да се води кампања против Србија дека е во игра со некои големи сили, што немало никаква врска.

Во неделата официјален Белград реши да го повлече целиот персонал од амбасадата во Скопје, тврдејќи дека имале докази за „зајакнато офанзивно разузнaвачко дејствување кон Србија во целина и кон српската амбасада, во кое е присутен и странски фактор“.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG