Достапни линкови

Кому одговараат лоши релации Белград-Скопје?


Српската амбасада во Македонија
Српската амбасада во Македонија

Упатените во надворешната политика сметаат дека нарушувањето на односите меѓу Македонија и Србија, најмногу е во полза на Русија.

Изненадувачката одлука на официјален Белград да го повлече целиот дипломатски персонал од Скопје и не докрај јасното образложение за „зајакнато офанзивно разузнaвачко дејствување кон Србија“ отвораат дилеми меѓу упатените што се крие зад потегот и на кому всушност му одговараат вакви односи меѓу двата соседа.

Заострувањето на релациите меѓу Македонија и Србија доаѓа и во период во кој се потпиша Договорот за добрососедство со Бугарија, а владата се обидува да ги интензивира контактите со Грција за решавање на спорот за името, двете прашања што се сметаат за клучни за евроатлантскиот напредок на Македонија.

Според поранешниот министер за надворешни работи, професор Денко Малески, историски регионалните сили се обидуваат да влијаат врз земјава, а постои и ривалитет и натпревар за тоа чие влијание ќе биде доминантно.

„Тоа исто така може да биде една причина. Грција и Србија се прашуваат до каде ќе оди бугарското влијание во Македонија. На нив им одговара постоење на една мала држава која не ја попречува комуникацијата меѓу нив, а не им одговара да се прошири бугарското или албанското влијание“, вели Малески.

Професорот го споменува и глобалниот натпревар на големите сили кој е присутен во регионот. Ние на некој начин сме на линија на раздвојување со Србија која има блиски односи со Москва, додава Малески.

„Блиску до границата има и некаков тренинг центар на Русија, а границата на НАТО во скоро време очекуваме практично да биде македонската граница. Сигурно е дека постои тој ривалитет и дека има свое влијание врз односите на балканските земји“, вели Малески.

За Блерим Река, поранешен амбасадор на Македонија во Брисел и професор на Факултетот на југоисточна Европа, нема сомневање дека овој развој на настаните е во полза на Москва.

Според него, главната причина за ваквиот акт на Белград е што со евроатлантската ориентација на новата влада се прекинува, како што вели, десетгодишната српско-руска зависност на државава.

Во контекст на интересите на Русија, тој ја споменува и грчката блокада на македонските евроатлантски интеграции, па очекува официјална Атина, како што вели, сакајќи или не, да се вмеша во српско-македонскиот спор.

„Да не заборавиме и на многу блиската политика на Москва и Атина, не само во однос на блокирањето на влегувањето на Македонија во НАТО, туку преку земјава да се оствари една поширока геостратегиска ориентација и да се блокира целиот јужен крак да не влезе во НАТО. Грција во сите овие десет години го имаше како претекст името, а во суштина играше една руска игра за блокирање на влезот на целиот Западен Балкан во НАТО“, вели Река.

Во реакцијата на македонската влада по одлуката на Белград, пак, се наведува дека се посветени на градење добрососедски односи со Република Србија, и оти Македонија развива пријателски односи со сите соседни земји.

„Убедени сме дека тоа е единствениот начин регионот одлучно да зачекори напред“, се наведува во соопштението од владата.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG