Повеќето американски претседатели за првото патување во странство ги бираат Мексико или Канада, но ако Доналд Трамп нешто докажа во првите четири месеци, тоа е дека тој не е стандарден претседател, пишува за Радио Слободна Европа Алан Кросби.
Наместо да тргне по сигурните дипломатски патишта, тој одлучи да оди на деветдневна турнеја по Блискиот Исток и Европа, која вклучи задржување во Саудиска Арабија, Израел, палестинската самоуправа, Брисел, Рим и Сицилија.
Борејќи се дома за предложениот буџет, здравството, отпуштањата на шефот на ФБИ, истрагата за врските со Русија, Трамп се надеваше дека ќе ја придобие јавноста на глобално ниво која е скептична во врска со неговата политика содржана во слоганот „Америка на прво место“.
Обидите да изгради односи со лидерите од клучните држави сојузници се чини како да дадоа просечни резултати, давајќи им на неговите поддржувачи и противници доволно причини за коментари.
Саудиска Арабија
Откако полета во авионот Ер Форс еден на 20 мај, Трамп турнејата ја почна со посета на Ријад, со многу помпа, обидувајќи се да го увери кралот Салман бин Абдулазиз ал-Сауда и лидерите на повеќе од 50 земји во кои населението претежно е муслиманско дека ја имаат поддршката на САД и дека неговата администрација не е против исламот.
Во таа насока се и неговите изјави дека Саудиска Арабија и другите земји кои ги водат сунити во регионот никогаш нема да ја доведат во прашање нивната поддршка и дека тие не се таму да држат предавања. Ова заврши добро за неговата публика, но не и за активистите за човекови права кои сметаат дека Трамп треба јасно да укаже на недостигот на заштита на човековите права во регионот.
Американскиот претседател не отиде со празни раце, однесе договор за оружје вреден 110 милијарди долари, со можност за раст во наредната декада до 350 милијарди долари за да го потпише со Саудиска Арабија.
Се покажа дека договорот е неопходен за да се намалат заканите од тероризам во тој регион, но од друга страна сакаше да ја прикаже и меѓународната продажба како начин за создавање на нови работи за САД, што го поддржаа неговите приврзаници.
Меѓутоа некои од американските законодавци имаат поинакви мислења што се покажува со обидот на дел републиканци и демократи да блокираат дел од продажбата.
„Со овој договор претседателот Трамп долеа масло во куќата која гори и ја заклучи вратата на излегување“, смета Ерик Фереро, директор за комуникации на меѓународната организација Амнести Интернешнл.
Израел и Палестина
Трамп на 22 мај ја продолжи турнејата во Израел и палестинската самоуправа каде што се задржа два дена. Неговата агенда беше полна, се сретна со претставнците на двете страни. Посетата и на христијанските и на еврејските свети места, како и состанокот со палестинскиот претседател Махмуд Абас, ја покажаа отвореноста на Трамп за сите религии и обидот да создаде основа за мировни преговори кои ги нарече ултимативен договор.
Истовремено отстапи од ветувањето во кампањата дека ќе се залага да ја премести американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим, град кој Израел го смета за нивните вечен град, а Палестинците за своја престолнина.
Тој беше критикуван и за пораката која ја остави во Меморијалниот центар на жртвите од холокаустот, а некои сметаат дека не е соодветна. Претседателот напиша „неверојатно“ и дека „никогаш нема да го заборави“.
„Пораката на Трамп во Јад Вашен во Израел суштински е порака која скоро секој тинејџер ја пишува во својот алманах“, напиша израелскиот писател Јаир Розенберг на Твитер
Ватикан
Третата станица на Трамп и веројатно најмалку спорна беше посетата на Ватикан каде што се сретната со папата Франциско и италијанскиот претседател Серџо Матарело.
Земајќи го предвид нивниот тежок почеток, кога папата го доведе во прашање Трамп како веродостоен христијанин при крајот на предизборната кампања, овој состанок се смета за успешен. Двајцата си разменија подароци и разговараа половина час.
Трамп рече дека му била голема чест да се сретне со папата, кој го подобри и расположението шегувајќи се со Меланија Трамп на сметка на начинот на кој се храни претседателот.
Брисел
По опуштената посета на Италија Трамп влета во проблеми кога стигна во седиштето на Европската унија во Брисел на 25 мај. Помалку од година дена откако го нарече НАТО застарен, иако подоцна се предомисли, Трамп ги посети лидерите на трансатланскиот сојуз во нивното ново, милијарда долари вредно седиште, на состанокот за кој членките на НАТО сметаат дека ќе се покаже како најважен досега.
Меѓутоа, неговите разговори со претставниците на ЕУ предизвикаа разни критики за прашањето за неговите односи кон Русија и непријатното протекување на чувствителни информации во врска со терористичкиот напад во Манчестер на 22 мај во кој загинаа 22 лица, а повредени беа десетина.
Претседателот на Европскиот совет Доналд Туска отворено го предизвика американскиот претседател повикувајќи го на промовирање на западните вредности што е спротивно од она што го нарече политика за внатрешна употреба мислејќи за ставовите за климатските промени, трговијата и особено Русија.
„Главната порака за претседателот Трамп е дека она што му дава на нашата соработка и пријателство најдлабоко значење се западните вредности како слободата, човековите права и почитувањето на човековото достоинство“, рече Туск по состанокот.
Тој додаде дека најголемата задача е соединување на целиот слободарски свет за овие вредности, а не само за интересите.
„Вредностите и принципите се на прво место, тоа би требало да го порачаат Европа и Америка“, рече Туск.
Британската премиерка Тереза Меј се осврна на прашање за протекувањето на податоците од истрагата во Манчестер поради што британските власти беа бесни на своите американски сојузници.
Наместо да ја критикува Русија за анексијата на Крим, на што се надеваа некои членки на НАТО, Трамп ги притисна лидерите на 27 земји членки да ги исполнат своите обврски кон сојузот-ги критикуваше поради големите суми кои ги должат.
Тоа што е важно е дека претседателот не го спомена екслицитно членот 5, меѓусебниот одбранбен пакт во кој се наведува дека напад на една земја членка значи напад на сите членки на НАТО. Секој американски претседател од времето на Хари Труман официјално изјавуваше дека го поддржува овој член.
Ова се забележа кога секретарот за медиуми на Белата куќа Шон Спајсер одговори на прашањето за посветеноста на САД на членот 5, дека Трамп е 100 отсто посветен на колективната одбрана.
„Не играме во врска со ова. Тој (Трамп) e целосно посветен на тоа“, рече Спајсер.
Ако се сметаше дека Трамп се однесува „грубо“ кон земјите членки на ЕУ за време на неговиот бриселски дел од патувањето, моментот кога го турна црногорскиот претседател Душко Марковиќ, само ја влоши ситуацијата.
Во прашање е група нации кои се заедно поврзани, буквално “братска врска” како што би рекол Шекспир. За да бидат луѓето заедно мораат да се договорат за тоа, рече претседателот на НАТО асоцијацијата од Канада Роберт Бејнс.
“Наместо тоа имаме речиси малтретирање, навистина удираме луѓе за тоа што не го направиле” вели тој.
Сицилија и Г7
Кулисите за последната станица од патувањето на Трамп можеби се драстично поинакви, но главните теми од состанокот на Групата 7(Г7) во живописното сицилиско гратче Таормина беа исти: борбата против тероризмот, климатските промени, миграциите и слободната трговија. Со четири нови претседатели кои за првпат учествуваат на состанокот, вклучувајќи го и Трамп, членките се обидуваа да ги најдат знаците за потенцијална промена на политиките поради растечките глобални предизвици.
Лидерите се обврзаа дека ќе направат повеќе против тероризмот, протекционизмот, како и „нефер трговските практики“ и искажаа спремност да воведат „понатамошни рестриктивни мерки“ против Русија поради нејзината интервенција во Украина. Сепак, не успеаја да се договорат за прашањето за климатски промени, зашто Трамп одби да ги преземе обврските од Парискиот договор за намалување на емисијата на штетни гасови од 2015 година. Групата од седум најразвиени земји се среќава секоја година за да разговараат за одредени теми како глобалната економија, безбедноста и енергијата. Членките на Г7 сочинуваат речиси половина од светската економија и претставуваат над 60 отсто од светското богатство. Г7 мора да бидат искрени во сè што прават, имајќи предвид дека многу луѓе на глобализацијата гледаат како закана, а не како можност, рече претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, на отворањето на Самитот на Г7. На првиот ден на Самитот, Трамп се сретна со јапонскиот премиер Шинзо Абе, со кого се сретна и претходно, во февруари, во неговиот ресорт Мар-а-Лаго на Флорида. Главна тема на нивните разговори во Сицилија била Северна Кореја, за која Трамп рече дека „многу често им е во мислите“.
Поранешниот функционер во Стејт департментот Рубен Бригети за Радио Слободна Европа изјави дека допрва треба да се види како првата турнеја на Трамп позитивно ќе влијае на поврзувањето со традиционалните сојузници.
„Тимот на претседателот има многу работа кога ќе се врати во Вашингтон за да ја преобликуваат американската надворешна политика на кохерентен начин, на кој остатокот од светот би можел да се потпре“, вели Бригети, кој сега е декан на школата за меѓународни односи Елиот на универзитетот Џорџ Вашингтон.