Израелските власти во неделата инсталираа нови безбедносни камери на влезот на големата џамија во Ерусалим и соопштија дека нема да ги отстранат детекторите за метал, туку само ќе го намалат нивниот број.
Исто така Израел забрани мажи помлади од 50 години да влегуваат во местото што муслиманите го нарекуваат Благородно светилиште, а израелците, пак, Храм на храмовите.
Овие мерки ги предизвикаа најкрвавите конфронтации меѓу Палестинците и израелските сили во изминативе неколку години.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, на седницата на неговиот кабинет, изјави дека мерките за безбедност ќе продолжат и натаму.
„Од почетокот на настаните, одржав серија состаноци и проценки на ситуацијата со сите безбедносни тела, вклучувајќи ги и оние на теренот. Од нив добиваме ажуриран преглед на ситуацијата, како и препораки за акција и носиме одлуки согласно на тоа“, рече тој.
Израел ги воведе најновите мерки за безбедност откако двајца израелски полицајци беа убиени на 14 јули.
Претседателот на палестинската власт Махмуд Абас во петокот изјави дека ги замрзнува сите контакти со Израел се додека не бидат повлечени безбедносните мерки околу џамијата.
Повеќето Палестинци одбиваат да минуваат низ детекторите за метал и сметаат дека новите безбедносни мерки претставуваат кршење на повеќегодишните аранжмани за пристап во третото најсвето место на муслиманите во светот.
Арапската лига оцени дека Израел со инсталирањето на детекторите за метал си „игра со оган“.
Соединетите Држави го испратија во Израел Џејсон Гринблат, специјален претставник за меѓународни преговори, да изнајде начин за намалување на најновите тензии.