Достапни линкови

Хуманитарен тридневен прекин на огнот во Газа


Израел и милитантната палестинска група Хамас договорија безусловен 72 часовен прекин на огнот во Појасот Газа. За тоа време, како што е договорено, израелските копнени сили остануваат на своите позиции. Денеска во Каиро и разговори меѓу двете страни за постигнување траен прекин на огнот.

Во заедничката изјава американскиот државен секретар Џон Кери и генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун оценуваат дека примирјето е многу важно за да им се пружи итна хуманитарна помош на цивилите, време за да се погребат жртвите, да се згрижат ранетите и да се обнови снабдувањето со храна.

„Ги повикуваме сите страни да се однесуваат со воздржаност и целосно да се придржуваат кон своите обврски за време на прекинот на огнот“, изјави Стефан Дујариќ, портпарол на генералниот секретар на Обединетите нации.

Претставници на Израел и на Хамас потврдија дека двете страни се согласиле на тридневно примирје од петок во осум часот по локално време.

Од почетокот на конфликтот пред три недели досега имаше неколку хуманитарни прекини на огнот, но сите тие не беа испочитувани, а борбите продолжуваа и натаму.

Тоа е затишје за можност, момент за страните и различните фракции заедно со државата Израел да направат напор и да се обидат да најдат начини за изнаоѓање одржлив прекин на огнот, а потоа, во подолг временски период, да се посветат на решавање на главните прашања.
Џон Кери, државен секретар на САД

Говорејќи пред новинарите во Њу Делхи, Џон Кери за најновото примирје рече:

„Тоа е затишје за можност, момент за страните и различните фракции заедно со државата Израел да направат напор и да се обидат да најдат начини за изнаоѓање одржлив прекин на огнот, а потоа, во подолг временски период, да се посветат на решавање на главните прашања.“

Кери прецизира дека на Израел и натаму му е дозволено да спроведува „одбранбени операции“ за уништување на тунелите во Газа.

Израел најави дека ќе го стори тоа, бидејќи преку тунелите палестинските милитанти вршеле напади во израелска територија.

Претставници на Газа соопштија дека во изминативе 24 дена, односно од почетокот на израелската офанзива, биле убиени над 1.450 Палестинци, повеќето од нив цивили.

На израелска страна, досега загинале над 60 војници и тројца цивили.

Обединетите нации соопштија дека една четвртина од жителите на Газа, поради борбите, биле присилени да ги напуштат домовите.

Израел пак офанзивата ја правда со неопходноста да ги заштити своите жители од нападите на палестинските милитанти.

Објавата за прекин на огнот дојде неколку часа откако израелската војска повика 16 илјади резервисти да земат учество во кампањата против милитантите.

Во истовреме, во Женева високиот комесар за човекови права Нави Пилај го критикуваше, како што изјави, израелското „намерно инаетење“ со меѓународното право.

Пилај спомна напади врз домови, училишта, болници и објекти на Обединетите нации каде што се засолнети над 250 илјади цивили во Газа.

Пред два дена изреалски гранати разурнале училиште на Обединетите нации во бегалскиот камп Џабалија, при што загинаа 16 луѓе.

Белата куќа оцени дека гранатирањето е целосно неприфатливо.

Израел го обвинува Хамас дека ги користи објектите на Обединетите нации како места за изведување ракетни напади.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG