Достапни линкови

„Театар во движење“ во уметнички поход на Македонија


Сцена од претставата „Да го поздравиш и да ми го бациш“
Сцена од претставата „Да го поздравиш и да ми го бациш“

По неодамнешните изведби во Кочани и во Штип, театарската претстава „Да го поздравиш и да ми го бациш“, на 26 и 27 ноември, ќе се обиде да го предизвика вниманието на слободномислечките вљубеници во оваа уметност во Прилеп и во Битола. Со тоа продолжува проектот „Театар во движење“ на Здружението АРТОПИЈА кој има за цел и задача да ги презентира најновите независни театарски продукции во градовите низ земјава.

„Да го поздравиш и да ми го бациш“ е документарна претстава, авторско дело на четворица актери, Бојан Кирковски, Наташа Петровиќ, Ненад Митевски и Симона Спировска Костовска, и еднa режисерка - Билјана Радиноска. Ја раскажува приказната за растењето, носејќи соништа за себеостварување и соочување со општествените механизми на функционирање.

Темите што се отвораат во претставата (уметноста во себе, надежите, стравовите, борбите за остварување на креативниот потенцијал) се одраз на личните искуства на актерите и зборуваат за борбата за индивидуална слобода.

Тие заедно гласно и бескомпромисно ги поставуваат прашањата: Каков треба да биде тетатарот денес? Каде е неговото место во општеството? Кое е местото на младите во општеството во кое живееме? Која е емотивната слика на индивидуалниот внатрешен конфлит помеѓу интутитивното и рационалното? Каква е сликата за вакуум просторот помеѓу „каков сакаме да биде животот“ и „каков животот навистина е“? Тоа се дилемите што актерите на сцена ги поставуваат и бараат начин да ги одговорат.

По 42 одиграни претстави на повеќе сцени во земјава, две награди – Гран при на фестивалот „Лица без маски“ во 2016 и најдобра претстава на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ годинава, „Да го поздравиш и да ми го бациш“, в недела и в понеделник, на 26 и 27 ноември, ќе имаат можност да ја видат и љубителите на театарот во Прилеп ( театар „Војдан Чернодрински“) и во Битола ( Центар за култура).

Со овој чин продолжува проектот „Театар во движење“ инициран од Здружението АРТОПИЈА, кој патем се одвива во рамките на манифестацијата „Нов културен бран“ и има за цел и задача да ги презентира најновите независни театарски продукции во градовите низ земјава.

„Идејата на проектот „Театар во движење“ е да се презентираат модерните, современите, независни продукции коишто ги потпиша АРТОПИЈА минатата година на сцените на театтрите и во неконвенционалните простори во Републиката. Одбравме четири града Прилеп, Битола, Штип и Кочани, во којшто во прв момент ќе ги прикажеме претставите „Да го поздравиш и да ми го бациш“ и „Експеримент“, а се надеваме дека во иднина проектот „Театар во движење“ ќе го продолжиме и во другите градови низ Македонија, се разбира зависно од интересот на публиката“, вели продуцентот Филип Николовски.

Тој дополнува дека сознанијата од првите изведби во Штип и Кочани само охрабруваат бидејќи и во двата града се барало карта повеќе и дека во играле пред безмалку трипати повеќе присутни отколку на „матичната“ сцена во Џебното кино во Младински културен центар – Скопје.

„Тоа не мотивира и натаму да правиме претстави од овој тип, претстави коишто ќе се бават со ангажиран театар затоа што очигледно публиката има желба на сцена да види нешто што е поразлично. Попровокативно. Посебно што претставите ги продуцираме комплетно „инди“, независно. Ги продуцираме без никаква финансиска подршка од ниедна страна. Се е мотивирано од желбата и потребата на актерите и екипата да вложат во ваков тип на театар којшто ќе понуди една, да речеме, слика на денешното општество во Македонија. И не само во земјава туку и воошто во светот“, вели Николовски.

Во овој контекст, Николовски информира дека АРТОПИЈА веќе наголемо работи на својот нов продукт. Тие во Детскиот театарски центар го подготвуваат третиот проект – драмата „Ужегнатост во белата палата“ од чешкиот автор Иван Вискочил што се нафати да ја режира Владимир Милчин.

Станува збор за социјално ангажирана тема која говори за администрацијата, за административците и нивната подложност на пресијата од авторитетите.

Во претставата играат Бојан Кирковски, Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Ненад Митевски, Мартин Јордановски и Тамара Ристовска, која по прв пат ќе се најде во проект на АРТОПИЈА и која публиката ја запозна од серијалот „Марковски“. Премиерата е закажана за втората половина на декември годинава.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG