На Струга и на самомислечката урбана македонска мисла, од 26 до 30 јули, ќе им се случи петтото јубилејно издание на Фестивалот за процесирање култура „ДримON“. И на него, впрочем како и досега, посетителите ќе имаат можност да проследат внимателно одбрана уметничка програма сочинета од театарски претстави, изложби, филмови, музика, работилници, дискусии, изградени во соработка со многу имиња и организации, значајни за домашната вибрантна независна социо-културна сцена. Со ова Фестивалот, чие ново, проширено и утврдено поглавје за малиот јубилеј ќе се одвива под мотото „Градиме нови генерации“, ќе ја заокружи идејата да остане ангажиран, да биде во дослух со граѓанските каузи и да форсира актуелни теми „со кои нашето општество мора итно да се справува“.
А, кога сме веќе кај програмата таа овојпат ќе биде отворена со „Република депонија“ така директно адресирајќи го проблемот со загадувањето не само во регионот туку и воопшто. Освен панел дискусијата на Граѓанската иницијатива „Доста“, и проекција на филмови, „Република Депонија“ – продукција на „Кадар“ и „Wasteland” во соработка со „Македокс“, овој ден ќе ја постави зелената зона во која ќе бидат лоцирани киното, работилниците, книжарата и базарот на фестивалот. Сето тоа е овозможено во соработка со „Мрдни со прст“.
Неколку уметници ќе мрдаат со прст и на тридневната „Треш колонија“ – уметнички инсталации од отпад дониран од домаќинствата.
Во хотел „Дрим“, пак, во соработка со Полската амбасада, ќе биде отворена изложбата на плакати „Македонија како туристичка дестинација“. Во вечерниот термин, од 20 часот, во фоајето на Центарот за култура е предвидено отворањето на ликовниот павилјон на „Паратисима“, како и изложбата на фотографии на Наташа Гелева, насловена „Фрагментација“. Ова е првиот настан од фестивалската селекција „За женски каузи“ – поддржана од ад хок грант на програмата на „Цивика Мобилитас“.
Вториот ден на манифестацијата е насловен како „Пристап(о)способност“ и ќе започне со тридневната истражувачка авантура за деца „Природно наследство – скриено богатство“ која ќе се одвива на неколку локации од значење за светското природно и културно наследство во Струга. Од 17 часот е работилницата со „Фаринас хендмејд“ за фосилизација на уметност од отпад, а потем на на Летна сцена, ќе биде отворена изложбата „AcessAbility“, на која ќе бидат претставени фотографии и приказни кои ги прикажуваат предизвиците и успесите на лицата со посебни потреби. Автор е Томислав Георгиев, а текстот е на Небојша Илијевски.
Од 20 часот е мотивационата говорница со Александар Матовски Цако, а еден час подоцна во кино зоната на фестивалот ќе бидат прикажани филмовите „24.док“ на Јане Алтипармаков направен како дел од проект на Здружението за поддршка на деца и млади со попреченост Сината Птица и „Важноста да можеш да си ги заврзеш чевлите“ на Лена Копел од Шведска. За 22 часот е закажан концертот на белградската електро-поп артистка Сана Гариќ, а финалето ќе го сторат ди-џеите на ДЕСОНАНЗ.
Во петок, на 28-ми јули , денот насловен како „На ти го- дај ми го!“, покрај веќе тековните содржини, планирано е да биде прикажана претставата „Гига мега бајка“ на Театарот за деца и младинци, да биде промовиран 26 број на уличното списание „Лице в лице“ и да се случи отворањето на изложбата на постери „Бегалци во сопствената земја“ која, од своја страна, би требало да иницира дебата за проблемите со кои се соочуваат повратниците, како и предизвиците за нивна интеграција во земјава.
Следува и дебатата на тема медиумски клиентелизам во која учесници се новинарот Ѕвездан Георгиевски и медиумската аналитичарка Емилија Петровска Камењарова, а од 21 часот е предвидена проекција на филмови од призренскиот „Докуфест“. Конечно, во вечерниот термин од 22 часот, со нагласена љубопитност и желба за танц се очекуваат волшебниците на ритамот и зборот ФОЛТИН, за да „затворањето“ длабоко во ноќта им припадне на миланскиот диџеј Ardimann и домашната поддршка Natty Fiyah SS.
Саботниот ден, пак, како посебности ги носи презентацијата на „Паратисима Скопје“ на Летна сцена и дебатата „Жени со мустаќи“ ( патем - централен настан од селекцијата „За женски каузи“) која ќе ја води новинарката и активистка Ана Јовковска и на која ќе учествуваат Ана Василева и Албулена Карага.
Од 21 часот „ДримОN“ киното ќе прикажува кратки филмови од Астер фест во селекција на филмскиот критичар и радиоводител Влатко Галевски, за да потоа на сцената истрчаат српските „лоши момци“ од бендот BAD COPY и четвртото поглавје кулминира со одбирот на диџеј Гое САФ.
И најсетне, в недела на 30 јули, во „Приградски хулигани“, освен изложбите од работилниците во претходните денови, како и завршените инсталации од „Треш колонијата“, во 17.00 часот биде реализирана танго работилницата насловена „Да се сретнеме на половина пат“ со „Фамилија Тангови“.
Од 20 часот, пак, публиката ќе има можност да ја види исклучително провокативната театарската претстава „Да го поздравиш и да ми го бациш“ ( во продукција на „Артопија“) , која е авторско дело на четворица актери и еден режисер и која ја раскажува приказната за растењето, носејќи соништа за себеостварување и соочување со општествените механизми на функционирање.
Следува музичкиот докуметарец, па перформансите на „TrendKill“ и Sybil, а привилегијата да го затворат петтото издание на „ДримOn“ ќе ја имаат Томче и Чима, диџеите на култното „Сабвеј“.
„Нашата кауза како културни работници е, круната на едно општество- уметноста , да ја засадиме на спремна и плодна почва, незагадена, почва што го уважува уделот на жената, почва што ја заштитува и поттикнува... Таа почва е лесна за газење за секој нејзин поединец. Почва подиум, почва сцена, искултивирана почва која што ќе сакаат да ја култивираат и идните генерации. Без таква почва културата е тешка гломазна кула врз еродирани темели. За таква почва се застапува ова издание и сака да посее надеж, оптимизам, дека како што стоеле зад нас така и ние зад нив ќе бидеме ветер во крила да сонуваат тука“, вели Кристина Тодороска Петреска, активистка и дел на менаџерскиот тим на фестивалот.
Инаку, петтото издание на „ДримON“ е поддржано преку ад хок грант на програмата „Цивика Мобилитас“ , со кој се финансира селекцијата на жени авторки и „Мрдни со прст“ кои заедно со волонтерски ангажман на заедницата ја помагаат инфраструктурата на зелената зона. Копродуцентски партнер на случувањето е НУЦК „Браќа Миладиновци“ од Струга.