„Скопје во средата вечер се задушуваше од загаден воздух, загаден бил и воздухот во Битола, Тетово, Кавадарци и во Куманово“, објави порталот Плусинфо. Порталот Курир.мк ја објави истата информација со следниов наслов: „Воздухот во Скопје, Битола и Тетово опасно канцероген! Одговорните се кријат“.
„Коалициониот партнер на Заев изненаден од неговото елементарно непознавање на политичкиот систем во Македонија“ – под овој наслов го објави Вечер постот на универзитетскиот професор Рубин Земон, кој е и лидер на партијата Алијанса за позитивна Македонија и е во коалиција со СДСМ, по говорот на премиерот Заев на прославата на Денот на албанската азбука. Земон му забележува на Заев што рекол дека во Македонија, која е унитарна држава, постојат „конститутивни народи наброени во Уставот“.
По протестот на „Тврдокорни“ во средата вечер пред државното Собрание и пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, Нова Македонија наслови: „Тврдокорни: Ќе дојде до ескалација на состојбите ако се усвои Законот за јазиците“. Во друг наслов истиот весник објави: „Тврдокорните ги прогласија Заев и Груевски за предавници, а Иванов за кукавица“.
Нова Македонија информира и за средбата на Заев со српската премиерка Брнабиќ, вадејќи во насловот поента од разговорите: „Секое прашање да се решава со дијалог“. Порталот Фокус бележи: „Заев и Борисов во Струмица одржуваат заедничка седница на македонската и на бугарската влада“.
Владата ги укина казнените одредби за регулација на професијата по предлог на ЗНМ, објавија речиси сите електронски и пишани медиуми. Вечер пред ова наслови дека „ЗНМ е контра Владата: Македонија е заробена држава со медиуми во грч“ и дека ЗНМ и Институтот за општествени науки имаат остри критики за предлог-законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Поранешниот премиер и лидер на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Груевски, по распитот во СЈО изјави: „Ова што го работи СЈО е незаконски“ – ја наслови информацијата Нова Македонија, а Вечер го објавува соопштението на партијата, кое е на истата линија со изјавата на Груевски: „СЈО е партиско-политички огранок на СДС и дејствува исклучиво по наредба на Зоран Заев“. Порталот Плусинфо објави делови обелоденети во обвинението на СЈО за случајот „Титаник“ поврзан со изборни измами во кој првообвинет е Груевски, а за што бараше притвор за поранешниот премиер: „Груевски има 49 банкарски сметки, во различни банки, дел девизни, дел денарски, на кои поседува најмалку 200.000 евра, а Пешевски 27 сметки и девизни средства во оф-шор компании“.
Нова Македонија го следи случајот со насилствата пред општина Центар во јуни 2013 година и за нарачката шамари на Жерновски во телефонскиот разговор Груевски-Јанакиевски, па објави дека „Груевски и Јанакиевски не чувствуваат вина за насилствата пред општина Центар“.