Достапни линкови

ОЈО не кажува ништо за постапка против владини функционери


Архивска фотографија-прес конференција на премиерот Зоран Заев со владиниот кабинет
Архивска фотографија-прес конференција на премиерот Зоран Заев со владиниот кабинет

По изјавата на премиерот Зоран Заев за истрагата за двајца владини функционери, од обвинителството се повикуваат на тајноста на постапката. Антикорупционерите пак посочуваат дека од борбата против корупцијата не треба да се прави политички маркетинг.

Опколена со многу непознаници останува изјавата на премиерот Зоран Заев дека по дојави од граѓани се води истрага за двајца високи претставници на власта. Од Јавното обвинителство на прашањето дали водат истрага за владини функционери се повикуваат на тајноста на постапката.

„Согласно одредбите од член 289 од Законот за кривична постапка, сите дејствија што се преземаат во предистражната постапка од страна на Јавното обвинителство на Република Македонија ​се сметаат за тајна и не можат да бидат споделени со јавноста“, наведуваат од обвинителството.

И од Министерството за внатрешни работи не откриваат дали до нив стигнале дојави од граѓаните за случаите што ги спомена премиерот.

Поконкретно, Заев рече дека постојано ги охрабрувал граѓаните да пријавуваат потенцијални случаи на корупција. Како резултат на тоа во моментов се води истрага по дојави за двајца високи претставници на власта кои се на должност неколку месеци, рече Заев кој не сакаше да открие повеќе детали, наведувајќи дека ова е само истрага.

Премногу лесно политичарите се впуштаат да даваат изјави од ваков тип, коментира Слаѓана Тасева, поранешен член на антикорупциската комисија и сегашен претседател на Транспаренси интернешнл Македонија. Таа додава дека е добро да се води сметка да нема неказнивост за оние што се дел од власта, нешто што беше досега присутно, но сугерира дека е неопходна голема внимателност во изјавите.

„Не треба со тоа да се прави политички маркетинг, или да се фали некој, едноставно треба да се остават институциите да си ја работат работата. Ако, пак, се случува некаква постапка и од неа произлезе основа за преземање мерки кон тие луѓе тогаш ќе треба да слушнеме од премиерот, зошто, како и што ќе преземе“, вели Тасева.

Изјавата на Заев дадена на самитот Македонија 2025 веднаш крена прав и предизвика реакции. ВМРО-ДПМНЕ оцени дека со неа се потврдува дека постои директна спрега меѓу СДСМ и Јавното обвинителство кое, како што пишуваат од опозициската партија, се користи како механизам за дисциплинирање закана и уцена.

„Имено, постапките во обвинителствата се тајни и во ниту еден случај премиерот не би требало ниту би можело да знае што работат обвинителите кои се посебен државен органи“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Тасева нагласува дека сите вакви постапки се тајни и мора да се внимава на со Устав загарантираната презумпција на невиност, за да се случи и во јавноста да излезат имиња кои понатаму во постапката ќе се докаже дека не се виновни.

Инаку, една од најжестоките критики на актуелната власт кога беше во опозиција, кон тогаш владејачка ВМРО-ДПМНЕ, беше за спрегата меѓу владата и поранешниот јавен обвинител Марко Зврлевски. Во една од таканаречените опозициски бомби поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во разговор со нејзиниот колега Зоран Ставрески, зборуваше како тој им завршил работа и отфрлил пријава.

please wait

No media source currently available

0:00 0:10:12 0:00
Директен линк

Едно од клучните први барања на Заев како опозиционер беше смена на Зврлевски поради, како што изјави, неговата спрега со власта.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG