Достапни линкови

Димитров - Внимателност за членството на Косово во УНЕСКО


Македонија ова прашање го третира со исклучителна внимателност, вели министерот Димитров. Тој денеска во Скопје се сретна со својот косовски колега Пацоли, кој вели дека судбина на двете земји е да соработуваат оти се соседи. Стабилноста на Македонија ќе значи стабилно Косово, рече Пацоли.

Македонија нема да има клучна улога околу приемот на Косово во УНЕСКО, но одлуката ќе ја донесеме во согласност со интересите на Македонија и интересите на нашите сограѓани припадници на албанската заедница, рече шефот на македонската дипломатија Никола Димитров по средбата со својот косовски колега Беџет Пацоли, кој престојува во прва официјална посета на земјава. Убеден дека колку побрзо сите ја прифатат перспективата дека нема страни дури и кога станува збор за деликатни прашања, на долг рок сите заедно ќе се најдат на една страна.

„Апликацијата и кандидатурата е одложена за извесно време. Македонија ова прашање го третира со исклучителна внимателност, бидејќи се работи за прашање коешто дели наши два соседa коишто сакаме да бидат на иста страна. Ние нема да имаме тука клучна улога токму поради тоа што ова прашање тангира наши два соседа, но ако тоа дојде на дневен ред, ќе го имаме предвид интересот на нашите пријатели од Косово, на нашите пријатели од Србија и ќе однесеме одлука согласно интeресите на Република Македонија, што ги вклучуваат и интересите на нашите сограѓани припадници на албанската заедница“, изјави Димитров.

Министерот Пацоли рече дека Косово очекува поддршка од Македонија за влез во меѓународните институции и дека секое искуство од наша страна ќе им биде драгоцено и добредојдено. Пацоли изрази поддршка за членството на Македонија во НАТО, зошто, како што рече, стабилноста на Македонија ќе значи стабилно Косово.

„Каде и кога и да треба ние секогаш ќе дадеме поддршка на Македонија така како што Македонија го има правено за нас, го прави и ќе продолжи да го прави во иднина за нас. Ние сме две соседни земји, а во нашата албанска традиција се вели: „соседот не се бира и наша судбина е да соработуваме заеднички“, изјави Пацоли.

Двајцата министри изразија задоволство од разговорите на кои фокусот бил заедничката економска соработка и можноста за продлабочување на билатералните односи. Пацоли рече дека разговарале и за можноста за воведување слободна економска и безцаринска зона меѓу двете земји.

„Јас сум среќен што беше остварена мојата идеја да се патува меѓу двете земји со лични карти, ние се разбира имаме и други идеи кои треба да се реализираат, на пример да се направи слободна економска зона, тоа е нешто што е неопходно, што ќе им помогне и на компаниите, но и на буџетите на двете земји“, изјави Пацоли.

На прашањето дали Македонија ќе реагира до Советот на Европа на иницијативата на Европската комисија, граѓаните на трети земји на кои не им е потребна виза за влез во Европската унија, од 2020 година да аплицираат за дозвола за патување пред да пристигнат во ЕУ, Димитров со став дека ќе се направи сè што треба за да нема дополнителни потешкотии во однос на слободата на движење.

„Ова не е нешто ново, трае веќе извесно време. Јас ќе разговарам со сите колеги од регионот да најдеме начин и да укажеме дека дополнители обременувања на таа слобода на движење не се корисни и се надевам дека ќе наидеме на разбирање и некаков заеднички јазик. Мислам дека е рано да се зборува за реципрочни мерки кои би можеле да се преземат понатаму. Во секој случај сакаме поголема отвореност, а не извесно затворање во односот на земјите членки и воопшто на ЕУ кон нашиот регион и кон Република Македонија“, заклучи Димитров.

Пацоли порача дека Косово не треба да остане црна дупка на Европа и изрази надеж дека во 2018 година косовските граѓаните ќе добијат визна либерализација.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG