Достапни линкови

Битола за првпат ќе ја води жена 


Наташа Петровска од СДСМ.
Наташа Петровска од СДСМ.

За првпат победи жена на изборите во Битола, за првпат во градот еден кандидат доби повеќе од 30.000 гласови, а по 12 годни на власт ВМРО-ДПМНЕ оди во опозиција. Новата градоначалничка вели дека зад неа застанеле многу граѓани на кои им должи дела.

Наташа Петровска од СДСМ ќе биде новата градоначалничка на Битола. Таа победата на локалните избори ја издвојува во првиот круг, освојувајќи 31.337 гласови или за 13 662 повеќе од против кандидатот Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ кој доби 17.715 гласови.

Ова се смета за голем успех на Социјалдемокртаскиот Сојуз и коалиционите партнери на локални избори во Битола зашто Петровска освои скоро 4.000 гласови повеќе од резултатот што пред пет години ги постигна тогашниот победник, градоначалникот Владимир Талески.

Според ДИК, на изборите во 2013 година Талески како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери освоил 27.420 гласови, што е за 3.917 гласови помалку од сегашните што ги освои новата градоначалничка на Битола. Воедно ова е првпат на локални избори во Битола кандидат да добие повеќе од 30.000 гласови.

„СДСМ и коалицијата добија поддршка за програмата, добија поддршка за чесни луѓе. Конечно живот во Битола за сите. За нас овој резултат не е изненадување, очекувавме резултатите да бидат во наш прилог. Ова секако дека ми импонира, но за мене претставува и обврска зашто позади мене застанаа многу граѓани на кои ќе им должам дела“, рече Наташа Петровска.

По поразот, од Општинскиот комитет на ВМРО –ДПМНЕ не се обратија јавно. Поразениот кандидат Зоран Илиоски се огласи на фејсбук, пишувајќи дека гласачкиот систем е сѐ уште далеку од совршен и остава простор за отстапувања и манипулации, но изразената волја на граѓаните мора да остане светост која треба безусловно да се почитува.

ВМРО-ДПМНЕ заминува во опозиција по 12 години минати на чело на локалната власт во Битола. Во иднина мнозинството во советот ќе го имаат СДСМ и коалиционите партнери. Претседавач ќе биде Валентин Груевски од ЛДП. СДСМ и коалицијата ќе имаат стабилно мнозинство со 17 советници, ВМРО-ДПМНЕ освои 11 советнички места, едно ДУИ и коалицијата и две независната листа „Поинаку“ на Габриела Илиевска.

Од „Поинаку“ ветија дека ќе се изборат за донесување на закон за РЕК, субвенционирана сметка за струја за битолчани, поголеми права на самохраните родители и друго.

„Она што го имавме предвидено како програма ќе се бориме да го оствариме во целина во Советот на Општина Битола и се надеваме дека за проектите ќе имаме поддршка од идната локална самоуправа. Нашата желба и цел е Битола пред сè“, рече Габриела Илиевска.

Битолачни по изборите очекуваат подобар живот во Битола.

„Очекуваме да бидат најдобри, да не претставуваат, да ги застапуваат нашите интереси. Да има подобар живот за сите, да бидеме сите среќни и насмеани. Да се градат улици, патишта, паркчиња, да се уреди градот, да ни биде пријатен за живеење.“

„Ако имаме среќа нешто да се подобри ќе бидеме многу задоволни. Апсолутно да се подобри во сите сфери, оти досегашното живеење сите видовме какво беше“, велат битолчани.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG