Достапни линкови

Криминалци „на раат“ со политички грб


Уривање на објектот „Блу Скај“ на Дилавер Бојку Леку, Струга, 2013.
Уривање на објектот „Блу Скај“ на Дилавер Бојку Леку, Струга, 2013.

Балканскиот крал на проституцијата, како што го нарече Стејт департментот, беше убиен во мафијашки стил на плажа во Струга. Се наметнува прашањето дали криминалец од таков калибар може речиси непречено да работи толку години без да има политичка заштита.

Од бордели во Струга и во струшките села полни со девојки од поранешниот источен блок, бегство од затвор, откажување на клучни сведоци во последен момент, меѓународни екстрадиции, благи казни, пукање со пиштол, бодење со нож, насилства, закани, до филмско убиство во мафијашки стил на плажа во Струга. Балканскиот бос на проституцијата Дилавер Бојку – Леку, за кого своевремено се заинтересира и ФБИ, беше убиен по децениска криминална кариера во која ретко одговараше за своите постапки. Мотивите се непознати, но засега се шпекулира дека станува збор за крвна одмазда.

Во 2003 година Бојку беше осуден на најмалата можна казна од шест месеци затвор, по што се заинтересира и американската влада, која се залагаше за борба против трговијата со луѓе. Пред отслужувањето на казната тој избега од затвор, но по две недели беше уапсен и екстрадиран од Црна Гора. На повтореното судење беше осуден на три години и осум месеци затвор. По отслужувањето на казната, отвори кафуле и зеде плажа под концесија и не беше толку често во фокусот на јавноста.

Се наметнува прашањето дали криминалец од таков калибар може речиси непречено да работи толку години без да има политичка заштита. Поранешни високи полициски функционери со кои разговаравме велат дека можеби делумно уживал заштита, но неговата „недопирливост“ повеќе се должи на стравот – кај полицијата, кај обвинителство, кај судот, па и кај политичарите од него.

Поранешниот началник на охридската полиција, професор Стефан Буџаковски, вели дека повеќе му се плашеле отколку што го штителе.

„Во однос на неговата спрега со политиката, мислам дека тоа не е многу силна алка. Посилна алка е неговата поврзаност со одредени криминални структури на Балканот. Во однос на самите пресуди, тие сами ги решавале тие работи, со посериозни закани, предупредувања, во стилот - ако тоа биде вака ќе направиме така“, вели Буџаковски.

Пред судењето во 2003 година дури и се шпекулираше дека на судскиот процес ќе бидат прикажани видео снимки од борделите на Бојку на кои ќе може да се видат видни личности од Струга, но и од Македонија.

Во извештајот на Стејт департментот за трговијата со луѓе во 2003 година, во делот за случајот со Дилавер Бојку се наведува дека владата „би требало да воведе и поефективна заштита за судиите и обвинителите кои работат во процесите“ против трговијата со луѓе, како и да ги прошири превентивните програмите за групите кои се погодени со неа.

Сепак, други поранешни полициски функционери, кои инсистираат на анонимност, посочуваат дека во Македонија, криминалците што се оставени „на раат“, секогаш се на некој начин поврзани со политиката. Потсетуваат дека токму Леку и неговата екипа во предизборната кампања за претседателските избори во 1999 година ги претепаа тогашните сдсмовски функционери Димитар Бузлевски и Илија Илоски. Беа поднесени кривични пријави за спречување избори и гласање и за насилство, но без епилог.

Во 2013 година Дилавер Бојку му се закануваше и на тогашниот градоначалник на Струга, Зијадин Села, кој го уриваше неговиот објект дивоградба на плажа во Струга.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG