Македонија е транзитна земја, но и крајна дестинација на трговијата со жени и деца за сексуална злоупотреба. Тие најчесто потекнуваат од поранешиот Советски Сојуз и од Источна Европа, посебно од Украина, Молдавија, Романија и Бугарија. Некои од жртвите преку Македонија се пренесуваат во Албанија, Србија и Црна Гора и во Западна Европа, се вели во годишниот извештај на Стејт Департментот во кој се додава дека биле откриени и случаи во кои и жени од Македонија заради сексуално искористување се пренесувале во Западна Европа. Во извештајот се наведува дека македонската влада во целост ги исполнува минимум стандардите за елиминација на трговијата со луѓе. Сепак, како што се додава, и покрај тоа што владата усвои нова регулатива против ваквата трговија и ги зголеми казните, институционалните проблеми во судството спречуваат поголем напредок во борбата против оваа појава. Притоа се наведуваат слабостите што беа забележани во случајот со, како што се вели, кралот на проституцијата Дилавер Бојку, кој по лесната казна, изебга од затворот во јуни минатата година, пред неговото апсење и повторното судење. Владата, се додава во извештајот на американската влада, би требало да воведе и поефективна заштита за судиите и обвинителите кои работат во процесите против оваа трговија, како и да ги прошири превентивните програмите за групите кои се погодени со неа. Иако случаите на неумешност и на корупција ја намалуваат ефикасноста на судството, деветнаесет поголеми судски процеси резултираа со казни кои беа потврдени и од Врховниот суд, се наведува во извештајот на Стејт департментот. Македонската влада не развила национална стратегија за превенција на овој криминал, туку, како што се додава, се решила да ги подржува активностите на невладиниот сектор. Како доказ за ваквата оценка на Стејт Департментот се наведува нецелосната активност на Националната комисија за борба против трговијата со луѓе. Во извештајот позитивно се оценува работата на Транзитниот прифатен центар каде што помош добиле сто четириесет и три странски државјанки кои биле жртви на трговијата со луѓе. Инаку, годишниот извештај синоќа во Вашингтон го претстави американскиот државен секретар Колин Пауел кој рече дека искоренувањето на трговијата со луѓе е еден од приоритетите на американската администарција поради поврзаноста на тоа зло со меѓународниот организиран криминал, со ширењето на сидата и особено со финансирањето на тероризмот. Од другите земји во регионот Србија и Црна Гора и Хрватска се најдоа во списокот на држави кои се набљудуваат, односно се уште не дале јасни докази за борбата против трговијата со луѓе. Албанија, Босна, Бугарија, Грција, Романија, Словенија и Турција се во втората група, додека во таканречената црната листа поради тоа што не преземаат ништо со справувањето со овој криминал се десет земји, меѓу нив, Бангладеш, Бурма, Куба, Еквадор, Гвајана, Северна Кореа, Судан и Венецуела.
Американската влада синоќа го објави годишниот извештај за трговијата со луѓе во светот. Во првата категорија на дваесет и пет земји кои ги исполнуваат стандардите во борбата против ова зло е и Македонија, која е и единствена држава од југоисточна Европа што се најде во таа категорија.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете