Достапни линкови

Прилепчани пијат заматена вода, надлежните смируваат


Неколку дена прилепчани пијат заматена вода. Во Центарот за јавно здравје велат дека водата е исправна, но превентивно може да се преврива ако граѓаните забележат дека е заматена. Вo прилепски Водовод велат дека заматувањето е поради вклучувањето на бунарите во мрежата, но дека ситуацијата е веќе средена.

Во Прилеп неколку дена се пие заматена вода. Граѓаните се жалат, стравуваат од болести, но од Центарот за јавно здравје смируваат. Простор за паника, велат, нема. Водата е здравствено исправна, но сепак треба да се преврива.

„Исклучиво како превентивна мерка да се преврива водата, таму каде што луѓето ќе забележат дека е заматена. И апелираме до граѓаните на Прилеп да се јават до надлежните служби на ЈП ‘Водовод и канализација’ како би интервенирале, за некои дефекти во одредени реони од градот. Ние како институција сме постојано на терен. Извориштето ‘Студенчица’, извориштето градски извори е комплетно исправна водата и бактериолошки и хемиски“, вели, примариус д-р Петар Оханесјан од прилепскиот Центар за јавно здравје.

Од ЈП „Водовод и канализација“ велат дека заматувањето на водата е последица на вклучување на бунарите во мрежата.

„Самото внесување на градските бунари во мрежата претставува еден процес што треба да се сработи. Поради тоа дојде до одредено намалување на притисокот, или до неконтролирани редукции во одредени делови од градот. Во овој момент мислам дека состојбата се стабилизира и дека не очекуваме одредени делови од градот, ниту да останат со намален притисок, ниту без водоснабдување. Ситуацијата се менува од ден во ден, ова важи за наредниве денови“, вели Сашо Николоски, директор на ЈП „Водовод и канализација“.

Но, според граѓаните, не само проблемот со квалитетот на водата, туку итно треба да се реши недостигот на вода. Тие бараат да прекинат рестрикциите, зашто велат и тие некогаш самофинансираа во изградбата на регионалниот водовод „Студенчица“, а од друга страна за трајно водоснабдување беа потрошени и 9.5 милиони евра од европската КФВ банка, грант што го доби екс локалната гарнитура на СДСМ, а го ефектуираше оваа на ВМРО-ДПМНЕ, но и дополнителни буџетски пари за изградба на многу бунари.

„Се случува секој ден да немаме по неколку часови вода. На овие високи температури нормално дека е тешко да нема вода, да собирам во шишиња, сега во 21 век. За капење нема вода и не можам ниту да дискутирам, зашто и да има, притисокот е многу мал, па мора да се потураме, страшна работа. А, седиме во центар и треба да имаме постојано вода“.

„Недостигот на вода е поврзан и со свеста на народот. Ние имаме хроничен недостиг на вода и покрај ‘Студенчица’, во овие жештини, меѓутоа имаме и полевање на дворовите со вода за пиење. Тоа е краен безобразлук во ова време. Мислам и дека има пропусти во разгранокот на ‘Студенчица’, никогаш не се дообјасни каде се губи таа вода, само ни кажува дека се губи водата“, забележуваат прилепчани.

Од „Водовод“ објаснуваат дека во нормални услови Прилеп троши околу 330 литри вода во секунда, количества што ги добива од регионалниот водовод. Но, поради намалената издашност на изворот од 1350 литри пред речиси два месеца, на 750 литри во моментов, во Прилеп преку Кичево, Пласница и Долнени, стигнуваат 60 отсто помали количества вода. Затоа се активираа бунарите, од кои во овој период се обезбедуваат дополнителни 120-ина литри, коишто не се доволни за непречено водоснабдување, доколку продолжи нерационалната потрошувачка на водата за пиење, за полевање бавчи, миење дворови и тротоари.

Прилепските социјалдемократи, пак, бараат оставка од директорот на „Водовод“.

„Најмалку што може да направи директорот н ЈП ‘Водовод’ е да си поднесе неотповиклива оставка, поради неспособноста да го реши проблемот со водата за пиење. Никој нема право да си поигрува со здравјето на граѓаните“, обвини, Валентин Божиновски, советник од СДСМ.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG