Изворот „Студенчица“ деновиве има дарежливост од 1.350 литри вода во секунда, а стручњаците не очекуваат ниту големи варијации во текот на летото. Според тоа општините, коишто се приклучени на регионалниот водовод, ќе имаат непречено водоснабдување. Во Прилеп, Кичево, Македонски брод, Долнени, Кривогаштани и Пласница не се очекуваат никакви проблеми оваа сезона.
„Ние изминативе пет години не се соочувавме со некои посебни проблеми во однос на водоснабдувањето. Меѓутоа, ако дојде до големи суши, тогаш проблемот ќе го менаџираме, па ќе видиме како ќе се решава. Во изминатиов период од две три и пет години, сите комунални и јавни претпријатија и водоводи што ние ги снабдуваме со вода, ја намалија потрошувачката, така што сега може подобро да функционираат“, вели Ѓорѓија Сајкоски, директорот на Републичкото јавно претпријатие „Студенчица“.
Од техничкиот сектор на претпријатието истакнуваат дека се преземени сите мерки за да се спречат и загубите на вода во системот.
„По кризата од 2011 година, ЈП пристапи кон изградба на ‘скада системот’ за мониторинг и управување на регионалниот водовод и на замена на хидромеханичката опрема на приклучни шахти. Со ставање во функција на ‘скада системот’, стопирано е неконтролираното пуштање на вода од системот, зашто имаме мониторинг и автоматско управување кон корисниците, така што технички системот има нула отсто загуба“, истакнуваГоце Наќески, раководител на технички сектор.
Тој додава и дека нема кражби на регионалниот водовод. Не ја исклучува можноста несовесни граѓани се уште преку „диви приклучоци“ да крадат вода, но само на просторот од приклучните шахти до резервоарите на општинските комунални претпријатија, т.е. на потисниот цевковод. Но, овој дел од системот како што вели е во надлежност на општините.
А, во Прилеп од регионалниот водовод за задоволување на потребите на граѓаните се користат најмногу, 240 литри вода во секунда, Кичево троши 190, Долнени 60 литри, Македонски Брод 16, а Пласница 25 литри вода во секунда.
„Ниту едно претпријатие, коешто е наш коминтент не должи кон ЈП ‘Студенчица’, сите навреме ги исполнуваат своите обврски и немаме проблеми од таков тип. Јавното претпријатие сега работи со оптимална ликвидност, солвентни сме, во првиот квартал имаме добивка од милион денари. Имаме депонирано средства околу 40 милиони, на тековна сметка располагаме со добар дел средства што може да ги сервисираат сите работи, и за реконструкција и за работа на системот“, вели директорот Сајкоски.
Според најавите за подобрување на квалитетот на водоснабдувањето на овој регион, а со оглед на фактот што седма година откако измина експлоатациониот период на регионалниот водовод, менаџерите на „Студенчица“, планираат реконструкција на каптажата на изворот, на системот, а се разгледуваат и можност за изградба на нови хидроцентрали, покрај онаа во село Добреноец, којашто за три години овозможила и поврат на инвестицијата.