Достапни линкови

Летово во Прилеп има вода


Изворот „Студенчица“ има доволен капацитет, имавме добра хидролошка година, вели Сашо Николоски, директор на ЈП „Водовод и канализација“ од Прилеп.

Во овие пеколни горештини и при енормно зголемена потрошувачка на вода, во Прилеп има непречено водоснабдување. Екипите на јавното претпријатие имаат само интервенции во населбата Варош, каде поради одредени технички проблеми, има намален притисок во цевководовот, но според ветувањето на надлежните и тој проблем ќе биде решен.

Наредниот период поголеми осцилации не се очекуваат, бидејќи изворот „Студенчица“ има доволен капацитет, имавме добра хидролошка година.
Сашо Николоски, директор на ЈП „Водовод и канализација“ од Прилеп.

„Бунарските построенија ги одржуваме во кондиција, вршиме перење, доколку има потреба ќе ги внесеме во градскиот систем, но во овој момент се врши водоснабдувањето со „Студенчица“ и со старите градски извори. Наредниот период поголеми осцилации не се очекуваат, бидејќи изворот „Студенчица“ има доволен капацитет, имавме добра хидролошка година“, вели Сашо Николоски, директор на ЈП „Водовод и канализација“ од Прилеп.

И од републичкото јавно претпријатие „Студенчица“ истакнуваат дека не само во Прилеп, туку проблем со водоснабдувањето не се очекува, во ниту една друга општина приклучена на системот.

Во моментов издашноста на изворот е околу 1.300 литри вода во секунда, од нив за корисниците се наменети 1.150, а до 300 литри се испуштаат преку малата хидроцентрала во реката Студенчица.
Гоце Наќески, директор на ЈП „Студенчица“.

„Во моментов издашноста на изворот е околу 1.300 литри вода во секунда, од нив за корисниците се наменети 1.150, а до 300 литри се испуштаат преку малата хидроцентрала во реката Студенчица. По корисници се распределуваат околу 330 литри вода во секунда за Прилеп,250 за Кичево, околу 30 за Македонски Брод и Пласница и 10 до 15 литри во секунда, се наменети за помалите населени места: Дебреште, Норово, Лажани...“, вели Гоце Наќески, директор на ЈП „Студенчица“.

Од друга страна конкретно за Прилеп, според стручњаците, просторот каде што се направени бунарите и вештачкото езеро имаат вкупно капацитет да го снабдуваат градот само 3 до 4 месеци. Според тоа, единствен и главен извор за градот е „Студенчица“.

„Без Студенчица можам одговорно да тврдам дека Прилеп е мртов град да речам, нема друга алтернатива за водоснабдување. Од страна на локалната самоуправа имаше некои испитувања за бунари во близина на с. Чепигово,во близина на Црна Река, тоа сето се прави за долгорочно решение, но во овој момент мислам дека најквалитетна и најевтина вода можеме да добиваме само од „Студенчица“, додава директорот Николоски.

Иако пред 5 години, како што велат надлежните во републичкото јавно водоснабдително претпријатие, е изминат амортизациониот период од 30 години, системот на „Студенчица“ е во добра кондиција поради редовното одржување и кадотната заштита. Цевководите можат и подолг период да бидат во функција, а речиси и да нема загуби на вода во системот.

Цевководот има скада систем за регулација на сите приклучоци, со мониторинг и управување. Во наредниот период ќе се води сметка за реконструкција на постоечките вентили со цел регулација на главните вентили за Кичево, Осломеј и Прилеп, бидејќи е вградена нова електромагнетна опрема на помалите населени места. А, според најавите се размислува и за изградба на скада систем и за контрола и мониторинг на катодната заштита на регионалниот водовод, што се простира во должина од 110 километри.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG