Достапни линкови

Сиромешен и осамен, друштво му прават змии


Ѓорѓија Тодески од Прилеп.
Ѓорѓија Тодески од Прилеп.

Прилепчанецот Ѓорѓија Тодески живее во распадната куќа, без никакви услови за живот. Социјалната помош не му стасува за речиси ништо. Друштво му прават змиите и смоковите.

Прилепчанецот Ѓорѓија Тодески е техничар по професија, има 62 години. Живее со 2.690 денари социјална помош, речиси под отворено небо, во напуштена, распадната куќа, во месноста Заград, на карпите на Маркови Кули. Покривот е урнат, горниот кат е без под, па кога врне снег и дожд, паѓа долу во камената одаја, каде нашол засолниште. Железен кревет ставен на земја, покриен со јамболија, слама и расипан нафташ, кој му служи за остава. Тоа му е имотот.

Постојано сум осамен. Е, сега ќе се стемни и нема каде да одам, ќе си легнам, од кај 12 до еден часот по полноќ задолжително ќе станам и ќе си седнам овде до сабајле, додека се раздени, потоа почнуваат луѓе да врват и тогаш со некој ќе си помуабетам.
Ѓорѓија Тодески од Прилеп.

„Сета е падната горе и одозгора врне. Еден ден подзадоцнив и кога дојдов овде врнеше и вода внатре до коленици. Се случува и да се разболам, но што ако, кога немам пари приватно да се лекувам. Ништо, ќе си лежам така една недела и ќе ми помине“, вели Тодески.

Струја нема, вода нема. За да наполни неколку шишиња и во студени зими и на пеколни горештини треба да пешачи по километар ипол. По два три дена останува без храна, сега на дрвениот чардак се суши мувлосан леб, колку за зловреме.

„Постојано сум осамен. Е, сега ќе се стемни и нема каде да одам, ќе си легнам, од кај 12 до еден часот по полноќ задолжително ќе станам и ќе си седнам овде до сабајле, додека се раздени, потоа почнуваат луѓе да врват и тогаш со некој ќе си помуабетам“, додава овој човек.

Од државата ако може да ми даде еден стан, а од Господ здравје, друго не барам.
Ѓорѓија Тодески од Прилеп.

Таму во височините на Маркови Кули, друштво му прават змиите и смоковите, вели му лазат по рацете додека спие, понекогаш мисли дека крвта му смрзнува во вените од страв, ама потоа се препушта на Бог, на судбината.

„Понекогаш му велам на Бог, оти ме казни, оти секому сум правел добрина. Од секогаш сум верувал и денеска верувам дека има некоја сила, којашто не тера вака, да одиме напред. Мене ми се имаат случено некои работи, како мало дете, уште кога сум се родил, три години не сум прозборил, а моите ме ветиле на манастир да служам“, вели Ѓорѓија.

Најблиските го напуштиле, тврди дека поради нереализирани хопотекарни кредити, му ја продале куќата што ја заработил како млад. Бил почитуван и вреден човек, но денес вели, никој не се сеќава веќе на него. Три години овде самува. Вели добива една година социјална помош, но социјалните работници, не го посетиле ниту еднаш, да му помогнат, да видат во какви услови живее, а барањето за еднократна парична помош го одбиле.

„Од државата ако може да ми даде еден стан, а од Господ здравје, друго не барам, колку можам ќе работам,ако треба на нозе, на глава, оти на работа како мајстор работев повеќе од работничките“, вели Ѓорѓија.

Од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, информираат дека Тодески е корисник на социјална помош. Дека може да му се додели еднократна помош, и да му се субвенционира потрошената електрична енергија во висина од 800 денари. А, нудат опција и да и го сместат во старски дом, ако тој се согласи. Но, Тодески живее во мрак, се грее само на надежта, дека за година ипол ќе остане здрав и жив и ќе го оствари правото на пензија, дека ќе земе соба под закуп во градот и ќе се смеша вели повторно меѓу народот .

Во Прилеп, во населбата Точила наскоро треба да заврши изградбата на 76 станови наменети за граѓани со социјални проблеми како овој човек.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG