Достоинствен Илинден со говори низ кои провејуваат смирувачки тонови и пораки за обединување и сплотеност на македонскиот народ. Овие се првичните оценки на домашната јавност ден по одбележувањето на празникот на Републиката. Универзитетскиот професор Никола Дујовски вели дека годинешниот Илинден бил протоколарен и во функција на промоција на договорот за добрососедство со Бугарија, за разлика од претходните години кога масовните собири беа препознатлив знак за прославата на Илинден.
„Провејува нишката Македонија конечно да тргне напред, особено во говорите на Пелинце и Крушево се виде дека ние пополека ќе се обединуваме. Но, и претседателот имаше доста коректен говор, веројатно свесен за сите активности кои е случуваа изминатите месеци. Повика на кохабитација, кажа што за него значи таа,“ изјави Дујовски.
Позитивни сигнали кон соседите, но и пораки за соживот наменети за внатрешната публика. Ваква симболика според политичкиот аналитичар Џељал Незири имало вчерашното прославување на празникот.
„За прв пат се случува Илинден да се прослави со тоа што сите граѓани ќе се идентификуваат со овој празник. Ретко се случува другите етнички заедници, освен македонската да бидат вклучени во прославата или пак да се поистоветуваат со празникот, што мислам дека е многу добро. Од друга страна, заедничкото чествување со бугарскиот премиер Борисов не е само затворање на едно историско прашање, туку сигнал кон другите соседи, особено кон Грција, дека Македонија е отворена за дијалог и решена да биде членка на НАТО и на ЕУ“, вели Незири.
Паралелното прославување на празникот од страна на власта и опозицијата беше забележително и годинава. Претставници на ВМРО-ДПМНЕ положија цвеќиња на неколку локации низ земјава, во различни термини, избегнувајќи да се сретнат со претставниците на власта. Дујовски вели дека ваквото однесување не е невообичаено.
„Ова не се случува прв пат во Македонија. Го правела и СДСМ кога беше во опозиција. Овојпат ценам дека е резултат на погрешната политика и безидејноста на ВМРО-ДПМНЕ. Тие можеа многу да добијат доколку беа дел од официјалниот протокол на прославата. Сега е време кога бојкотот на какви било настани, може да и донесе само негативни поени на партијата“, смета Дујовски.
Однесувањето на опозицијата е во согласност со нивната политичка агенда, додава Незири.
„Тие се уште не можат да се помират со фактот дека се во опозиција и целиот празник го поминаа со игнорирање на сите институции во државата од една страна и со намера да се девалвира прославата и да и се даде етнички предзнак, преку употреба на навредливи термини кон претседателот на Собранието“, вели Незири.
Во илинденскиот говор на премиерот Зоран Заев преовладуваа тонови за соработка дома и во регионот и ветувања за подобар живот за сите граѓани. Осврнувајќи се врз идентитетските прашања, претседателот Ѓорге Иванов рече дека на патот кон евроатлантските интеграции Македонија е уценета, а цената е премногу висока. Спикерот Талат Џафери на Мечкин Камен ја акцентираше важноста од соживот меѓу граѓаните, а вицепремиерот Кочо Анѓушев истакна дека треба да се менуваат владејачките гарнитури во една демократска земја, но дека тоа што треба и мора да биде заедничко за сите, е чесната намера и посветената работа за доброто на сите граѓани.