Достапни линкови

Нимиц не најави брзо решение за името


Нимиц: не е вистинско време за конкретни предлози
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:19 0:00

Нимиц: не е вистинско време за конкретни предлози

Посредникот во спорот за разликите за името Метју Нимиц денеска оцени дека за да се реши проблемот треба општ напредок, односно двете страни да размислат многу сериозно и многу внимателно да се слушаат меѓу себе.

Посредникот во спорот за разликите за името Метју Нимиц од Скопје си заминува охрабрен, но сепак, како што рече, не очекува драматичен развој на настаните во следниве неколку месеци. По средбата со премиерот Зоран Заев и со министерот за надворешни работи Никола Димитров, Нимиц рече дека не разговарале за конкретни нови концепти за името и дека тој не дал нов предлог, туку дека разговарале за процесот и за интензивирање на односите меѓу двата соседа.

„Мислам дека во наредните неколку месеци не треба да се очекуваат драматични акции или промени. Не мислам дека е вистинско време за дефинитивни и конкретни предлози. Мислам дека треба период во кој двете страни ќе разговараат меѓу себе, може да има паметен разговор. Имаме нова влада овде, нов контекст во регионот. Мислам дека работите ќе се придвижат, но не гледам драматични настани во следните неколку месеци“, рече Нимиц.

За да се реши овој проблем, нам ни треба општ напредок, а тоа значи дека двете страни треба да размислат многу сериозно за нивните позиции и исто така многу внимателно да ја слушаат другата страна, рече посредникот, кој во Македонија доаѓа по три години. Во Грција, пак, нема да замине веднаш, поради тоа што шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во моментов учествува на преговори за кипарското прашање.

Не сме имале состанок на претставниците во разговорите за името со години, одговори Нимиц на прашањето дали е можна промена на форматот за разговори.

„Мислам дека е многу охрабрувачки што првата посета надвор на министерот за надворешни работи беше на Атина, мислам дека тоа е значајно, знам дека и министерот за надворешни работи Коѕијас планира посета тука. Мислам дека треба да се најдат начини за интензивирање на процесот“, рече Нимиц.

Тој оцени и дека проблемот за името е важно регионално прашање, важно е за Обединетите нации и за земјата.

Средба меѓу премиерот Заев и медијаторот Нимиц
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:48 0:00

По средбата со посредникот од кабинетот на премиерот Заев соопштија дека е оценето оти постои позитивна клима за нов импулс во развојот на добрососедските односи, преку чекорите за зголемување на довербата меѓу државите, што може да придонесе и во продолжувањето на процесот на преговори.

„Јас и Владата на Македонија сме определени кон чекори што ги решаваат проблемите на граѓаните на Република Македонија. За тоа водиме инклузивни политики и така ќе биде и со решавањето на ова прашање, што ќе го водиме исклучително транспарентно, а не затворено како досега, само преку државен консензус, со опозицијата, со Парламентот, со претседателот на државата и со граѓаните на Република Македонија“ рекол премиерот Заев, информираат од неговиот кабинет.

Претходно тој се сретна со претседателот Ѓорге Иванов. Во соопштението од кабинетот на шефот на државата по средбата соопштија дека Македонија и натаму ќе учествува во процесот што се води под покровителство на ОН и дека неопходно е стриктно придржување до рамката во која се водат разговорите - резолуциите на Советот за безбедност, Времената спогодба и пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг.

Иванов ја поздравил конструктивноста и фокусираноста на мерките за градење на доверба меѓу двете држави и повикал на нивно проширување и внесување нови содржини.

„Неопходно е да се даде дополнителен импулс од двете страни во надминување на ова прашање, кое има суштинско значење за стабилноста и просперитетот на целиот регион“, истакнал Иванов.

Инаку Нимиц во Скопје допатува на покана на македонската влада. Претходно тој беше тука во 2014 година. По средбата со тогашниот премиер Никола Груевски рече дека иако не донел и не слушнал нов предлог за името, пристапот на македонската страна бил конструктивен, а разговорите суштински.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG