И покрај силните кампањи кои тврдат дека вакцините се штетни, тетовските родители имаат доверба за овој начин на здравствена превентива за нивните деца, покажуваат статистиките на здравствените работници од одделите за вакцинација и социјална медицина. Д-р Александар Костески од одделот за вакцинација при Здравствениот дом во Тетово вели дека опфатот на вакцинирани деца мината година покажува одлични 95 проценти.
„Речиси и да нема вакцина според календарот за имунизација чиј опфат е помал од 95 проценти, што е долниот праг кој треба да биде остварен за да биде сочувано јавното здравје. Значи процентот на успешност на вакцинација се движи од 95-98 проценти и е за пофалба. Тоа се должи најмногу на воведувањето на поливалентните вакцини со кои се намали бројот на посети кај докторите, односно вакциналните тимови, и со тоа се намали можноста да не биде примена во рокот. Антивакцинални кампањи постојат, но народот има доверба и ни верува на она што ќе им објасниме за вакцините“, вели Костески.
Најголем страв кај родителите владее од вакцината ММР бидејќи се поврзува со аутизам. Сепак, нема промени во опфатот на вакцинирани деца, бидејќи се сведува на тоа родителите намерно да одложат за една година подоцна од возраста предвидена со календарот за имунизација.
„Вакцинацијата ќе биде ефикасна и така. Но, постои ризик за оние деца кои подоцна ја примаат, бидејќи се веќе поголеми и имаат можност за повеќе контакти во меѓувреме да заболат од морбили, затоа и е предвидено е да се даде на 13-тиот месец. Вакцинацијата можеби нема 100 отсто да го заштити детето. Може тоа дете повторно да добие морбили, но вакцината нема да дозволи да дојде до оние животозагрозувачки компликации“, објаснува тетовскиот лекар.
Според доктор Костески, стравот кај родителите е неоправдан и засега нема ниту една влијателна студија која покажува поврзаност меѓу вакцината ММР и аутизмот.
„Треба да размислиме и на укажувањата на јапонските научници, кои сметаат токму на влијанието на мобилните телефони, компјутерите, таблетите, телевизорите. Сметаат дека тоа е една од главните причина на аутизмот. Кај нив не им дозволуваат на дечињата до 6-годишна возраст да имаат пристап до тие апарати“, вели докторот.
Од сите вакцини предвидени со календарот за имунизација засега понизок опфат од околу 80 отсто има само вакцина против хуман папилома вирусот кај девојчињата. Оваа вакцина беше воведена во 2009 година како задолжителна за девојчињата на 12 годишна возраст.