Достапни линкови

ИД со уништување на џамијата во Мосул прогласи пораз


ИД ја крена во воздух џамијата во Мосул
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:16 0:00

ИД ја крена во воздух џамијата во Мосул

Екстремистите на Исламската држава кренаа во воздух дел од џамијата Ал Нури во стариот дел на Мосул и нејзиното познато наведнато минаре. Тоа, според ирачките лидери, претставува „официјално прогласување пораз од страна на милитантите“.

Џамијата, изградена во 1172 година и нејзиното таканаречено „грбаво“ минаре беа избрани како место каде што лидерот на ИД Абу Бакр ал Багдади во јули 2014 година се прогласи за калиф, на, како што се надеваше, милитантна империја во Ирак и Сирија.

„Неговото црно знаме се вееше на познатото минаре скоро три години и неговото уништување претставува признавање дека Исламската држава е пред пораз“, изјави ирачкиот премиер Хајдар ал Абади.

Пред експлозијата ирачките сили го опколија главното упориште на ИД во стариот дел на Мосул кој е последното место што милитантите го имаат се уште под контрола во овој град.

Американскиот генерал мајор Џозеф Мартин, вклучен во борбите против ИД, оцени дека уништувањето на џамијата е „злосторство против народот на Ирак“ и „пример зошто оваа брутална организација мора да биде уништена“.

Ирачката армија соопшти дека милитаните ја уништиле џамијата откако ирачките сили стигнале на 50 метри до неа.

Ирачки официјални претставници се надеваа дека нивните сили ќе успеат да стигнат до џамијата пред крајот на Рамазан.

Интернет страницата Амак, поврзана со ИД по експлозијата соопшти дека џамијата била уништена во американски воздушен напад.

Тоа веднаш беше демантирано од колаицијата која се бори против ИД, наведувајќи дека во тоа време немало никаков воздушен напад.

Падот на Мосул ќе претставува и крај на ирачкиот дел на самопрогласениот калифат, но не и, како што се претпоставува, крај на активностите на милитантите кои се уште држат територии западно и јужно од градот.

Багдади, според американски и ирачки извори, им го препуштил боиштето во Мосул на локалните команданти и се верува дека се крие на границата меѓу Ирак и Сирија.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG