Ирачкиот премиер Хајдер ал Абади кој ги посети војниците на борбените линии во западниот дел на Мосул им порача на џихадистите дека можат да избираат.
„Милитантите ќе избегаат или ќе бидат убиени. Тие имаат две опции, или да се предадат и ние им ветуваме дека ќе имаат фер судење или ќе бидат убиени. Друга опција немаат“.
Се проценуваше дека во Мосул кој е последното упориште на ИД во Ирак, во почетокот на офанзивата на 17 октомври минатата година, имало околу 6 илјади милитанти. Од тогаш, според Багдад, ирачките сили убиле илјадници милитанти.
Во средата се појавија наводи дека лидерот на ИД Абу Бакр ал Багдади го напуштил Мосул и ги оставил неговите соработници да ја водат битката против ирачките сили.
Според наводите, Багдади кој се прогласи за лидер на од него прогласениот „калифат“ откако ја презеде контролата врз Мосул во 2014 година сега се криел во пустината во обид да го зачува животот. Ваквите наводи немаат потврда од независни извори.
Поразот на Исламската држава во Мосул ќе значи и тотално губење на ирачкото крило на самопрогласениот калифат кој веќе трпи големи загуби во Сирија.
Американскиот бригаден генерал Метју Ајслер кој учествува во борбите за ослободување на западниот дел на Мосул вели дека исламските милитанти биле дезориентирани и оти дел од странските џихадисти се обидувале да го напуштат градот.
„Играта е завршена. Тие ја загубија оваа битка и она што го гледате е само акција за задржување“.
Во меѓувреме, се повеќе цивили успеваат да избегаат од Мосул. Ирачките власти соопштија дека милитантите ги користат цивилите како човечки штит. Харед Ајад кој избега од Мосул вели:
„Моравме да бидеме на нивна страна за да добиваме работи. Ако не бевме со нив не можевме да добиеме ништо, дури ни лекови. Тие го оставија мојот татко да искрвари. Зошто? Исламски ли е тоа?“
Само во минатата недела од Мосул избегале над 40 илјади цивили. Од почетокот на офанзивата, односно во овие неколку месеци, според податоците на Обединетите нации, градот го напуштиле повеќе од 210 илјади луѓе.