Достапни линкови

Невладини организации се жалат на политички прогон


Дваесет граѓански организации денеска се пожалија на политичките притисоци кои, како што рекоа, ги трпат во изминатите месеци, преку постојани контроли на нивната работа од страна на институциите. Тие бараат новата власт да го запре притисокот на кој неправедно се изложени.

Политичкиот прогон врз невладиниот сектор да запре и институциите да преземат одговорност, побараа дваесетина организации кои во изминатите пет месеци, како што рекоа, биле изложени на екстремни притисоци. Првите организирани контроли од институциите врз работата на невладините организации, започнале во ист период кога владејачката ВМРО-ДПМНЕ јавно повика на нивен прогон, истакна Дона Костуранова од Младинскиот образовен форум. Според неа, тоа им дава причина да веруваат оти контролите не се рутински, туку наменски со цел да им се наштети на организациите.

„Иако институциите имаат право да вршат контроли, начинот на кој течат наведува дека ова не се редовни професионални проверки, туку станува збор за користење на институциите за политички притисок“, рече Костуранова.

Таа посочува дека во налозите нема објаснување зошто и што се контролира и порача дека казните за организациите ќе бидат погубни, бидејќи тие се непрофитни субјекти.

Како пример го посочија случајот на невладината КХАМ Делчево која им помага на најранливите групи. Зеќир Абдулоф од организацијата истакна дека досега добиле казни во износ од 3.500 евра, бидејќи им наложиле да доплаќаат даноци за хуманитарната помош која институциите решиле да ја третираат како приход за семејствата, злоупотребувајќи ја според него, правната недореченост.

„Со овие неправедни постапки институциите ризикуваат да се изгуби она што организациите им го даваат на граѓаните - хумантираните донации, правната помош, реновирањето на јавните простори, бесплатни обуки за работа и друга помош. Со овие акции се ризикува и Македонија да ја загуби и меѓународна финансиска помош со која се потпомагаат институциите и граѓаните“, порача тој.

Филип Стојановски од Метаморфозис во име на организациите упати апел до новата власт да го запре притисокот и да се провери основаноста на контролите, како и да се истражи злоупотребата на службената должност за политички прогон и дискриминација. Тие очекуваат и изречените казни да бидат поништени. Стојановски изрази загриженост и за тоа што владата издвои 800 илјади евра за граѓанските организации и побара и таа одлука да биде поништена.

„Техничката влада во заминување нема морално право и мандат да носи вакви одлуки. Намерата е очигледна, затоа што повикот беше отворен среде политички прогон врз невладините, а истовремено истата влада сака да додели фонд повисок од било кој што го одвојувала за невладини организации. Додека минатата година се потпишувале договори до 5.000 евра сега се покачени до 50.000 евра. Поради сите овие причини бараме оваа одлука за доделување на јавните средства да биде ревидирана во најбрз можен рок.“, порача тој.

Костуранова додаде дека листата на организации кои ќе ги добијат овие средства е сомнителна, бидејќи некои имиња за прв пат се појавуваат во јавноста.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG