Достапни линкови

Граѓанските иницијативи - чаре за нефункционално општество


Планот за ГТЦ во барок
Планот за ГТЦ во барок

Последните граѓански иницијативи, кои вродија плод, се позитивен исчекор и покажуваат дека граѓаните веруваат оти со заедничка акција можат нешто да направат.

Потребните потписи за децата со посебни потреби кои беа собрани за многу кратко време, успешниот референдум на гевгеличани против отварањето рудник за злато, одлуката на Уставен за стопирање на барокна фасада на ГТЦ, се само некои од светлите примери на граѓанска активност која вроди со плод.

„Освестеноста“ на граѓаните и моќта што тие ја имаат да променат некои политики во општеството, според дел од граѓанските активисти, се резултат од неколкугодишното градење на духот на активно граѓанство поврзано со растењето на самодовербата на граѓаните.

„Истовремено и сето она што се случува во последните неколку месеци, овој политички безизлез, не тера сите нас граѓаните да бараме алтернативно чаре. А тоа се бара преку граѓански методи, бидејќи ништо друго не може да ни помогне. Практично тоа е супер, но од друга страна тоа е последната сламка за којашто можеме да се фатиме, ако сакаме да преживееме во ова нефункционално општество“, вели граѓанскиот активист Никола Писарев.

Во минатото не ретко се случуваше граѓанските иницијативи да се злоупотребуваат во политички цели. Но, последните иницијативи се позитивен исчекор дека граѓаните почнаа да веруваат дека и со заедничка акција можат нешто да направат и дека бројноста има влијание на видливоста, смета граѓанскиот активист Александар Цветкоски, од невладината организација АГТИС.

„Нормално е граѓаните да сакаат да ја земат работата во свои раце за некои колатерални прашања, кои не им се многу битни на политичките партии. Ако имате вие јавен собир кој засега некое етичко, морално прашање, тогаш може да биде лесно злоупотребено од сите страни. А, токму тоа ги плаши луѓето. Ние имавме и порано многу иницијативи на граѓани на кои некој пред нив ќе го развие својот бајрак. Значи она што го гледаме на медиумите и на терен не мора секогаш да соодветствува“, изјави Цветкоски.

Барањето на вакви форми на делување на граѓаните е од исклучителна важност поради две причини, вели Писарев. Првата е поради потребата од корекција на одредени решенија на носителите на власта, а втората е со цел властите да имаат страв од граѓаните.

„Функционална држава и демократска е онаа во која власта се плаши од граѓаните. Кога е обратно вие имате диктатура. Колку повеќе државата се плаши од своите граѓани, толку граѓаните ќе бидат појаки и таа држава ќе биде подобра за нас самите“, вели Писарев.

Според граѓанскиот активист Цветкоски, иницијативите кои не се поврзани и не ги засегаат структурите на моќта, интересите и рејтинзите на партиите, најчесто се успешни.

„Сите иницијативи сепак би требало да ги води некој независен граѓански субјект кој нема да биде привезок на некоја политичка партија и токму тука нам ќе ни бидат големите проблеми", заклучува Цветкоски.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG