Двајцата кандидати дојдоа на клучната телевизиска дебата со резултати од анкетите кои покажуваат дека 39-годишниот Макрон води со 20 отсто пред лидерката на Националниот фронт, 48-годишната Ле Пен, во едни од, како што се оценува, најважните избори во Франција во изминативе децении.
За Ле Пен двоиполчасовната дебата беше последната голема шанса да ги увери гласачите во нејзината програма.
Таа предвидува справување со илегалната миграција, напуштање на еврозоната и референдум за членството на земјата во ЕУ.
Како и да е, според некои анкети, 63 насто од гледачите изјавиле дека Макрон во дебатата бил поубедлив од Ле Пен.
Во тензичната размена на ставови, Ле Пен играше на кратата на минатото на Макрон како поранешен банкар и министер за економија.
„Вие сте кандидат на дивата глобализација“, рече таа, додавајќи:
„Франција која вие ја нудите не е вистинската Франција. Таа е пазар каде што војува секој против секого, каде што Французите ќе треба да се борат за да ги зачуваат работните места“, рече таа.
Ле Пен го обвини Макрон дека имал разбирање за исламскиот радикализам и оти немал план за борба против тероризмот.
Макрон, пак, ја обвини Ле Пен дека земјата ја внесува во граѓанска војна
„Поделбата, граѓанска војна што ја нудите, борбата против тероризмот не е да се падне во неговите стапици, стапицата на граѓанска војна, онаа што ни ја поставија за нас и што вие ја нудите со делење на францускиот народ, со навреда на Французите поради нивната религија и со поттикнување на проблемите во нашата земја. Јас никогаш, никогаш нема да дозволам да се случи тоа“, рече тој.
Оваа телевизиска дебата, која, според проценките, ја гледале над 20 милиони од 45 милиони гласачи во Франција, беше врв на претседателската кампања каде што, освен нивните изборни програми, на светлината на денот излегуваат и личностите на кандидатите.