Достапни линкови

Холандија го мина тестот против популизмот


Холандскиот премиер Руте го победи антиисламистот Вилдерс
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:42 0:00

Холандскиот премиер Руте го победи антиисламистот Вилдерс

Холандскиот премиер Марк Руте изјави дека неговата централно десничарска Народна партија за слобода и демократија победи на парламентарните избори. Анкетите покажаа дека оваа партија ќе има 34 од 150 пратеници во парламентот. Тоа е за 14 пратеници повеќе од Партијата за слобода на неговиот антиисламски ривал Герт Вилдерс.

Партијата на Руте сепак ќе добие десетина пратеници помалку од колку што ги имаше по изборите во 2012 година. Како и да, тој изјави дека станува збор за голема победа.

„Ова исто така е ноќ кога Холандија по Брегзитот, по американските избори, му рече стоп на погрешниот вид на популизам“.

Тој исто така додаде дека ќе ја продолжи политиката со цел земјата да биде стабилна, безбедна и просперитетна.

Изборните резултати за неговата партија се над оние што ги предвидуваа предизборните анкети и му овозможуваат на Руте да добие трет мандат за влада од 2010 година.

Партијата на Вилдерс не успеа да го направи предвидениот голем успех и доби, според проекциите, 20 пратенички места, само 5 повеќе од претходниот состав.

Вилдерс оцени дека неговата партија во секој случај има големо влијание во холандската политика.

„Ние сме еден од победниците на овие избори, но јас би сакал да бевме најголемата партија на овие избори. Штета што не успеавме во тоа“.

Предизборните анкети покажуваа дека Вилдерс ќе има 30 пратеници.

Главниот коалициски партнер на Руте, Работничката партија на претседателот на еврогрупата Јерен Дијселблем забележаа голем пад. Таа доби само 9 пратеници од 38 колку што ги имаше досега.

Со одѕив од околу 80 насто од избирачите, највисок во изминативе 30 години, овие избори беа тест за тоа дали Холандија сака да го прекине неколкудеценискиот либерализам и да се сврти кон национализмот што го пропагира Вилдерс.

Резултатите од холандските избори претставуваат своевидно олеснување за проевропските партии особено во Германија и Франција каде што крајната десница се надева на големи успеси на изборите во текот на годинава.

Тоа би можело да претставува, како што се оценува, закана за егзистенцијата на Европската унија.

Затоа и очекувано, првите честитки за победата Марк Руте ги доби од германската канцеларка Ангела Меркел, од францускиот претседател Франсоа Оланд, како и од шефот на Европската комисија Жан Клод Јункер. Во пораката Јункер изборните резултати ги оцени како „гласање за Европа, гласање против екстремизмот“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG