Достапни линкови

Гевгелија на референдум за и против рудници со злато


В недела, на 23 април, жителите на Гевгелија на референдум ќе решаваат дали се за или против отворање рудници на територијата на Општината. Активистите стравуваат за животната средина

Меѓународни компании од Канада во изминатите четири години добиле концесии од Владата за детални геолошки истражувања на две локации во Општина Гевгелија, односно на падините на планината Кожуф, и доколку добијат концесии за отворање на рудниците, на планината ќе се вади руда со експлозив и огромни багери, која потоа ќе се прска со цијанид за златото да биде одвоено, велат активисти од граѓанското здруженија од „Спас за нас“ од Гевгелија.

На оваа тема вчера во градот беше одржана трибина на која експерти дискутираа за ефектите врз природата и здравјето на луѓето од можното работење на рудниците. Професорот Љупчо Меловски од Природно математичкиот факултет рече дека последиците кои настануваат и најверојатно ќе настанат во овие случаи, ќе се чувствуваат многу подоцна.

„Не само што ќе се исече шумата од три илјади хектари, туку понатаму ќе се уништи целокупниот релјеф онака како што го знаеме сега (...). Тој релјеф ќе го нема, комплетно се се откопува, се минира и се таложи на едно месето за потоа да биде испрскано со цијанид и со сулфурна киселина за да може да биде издвоено златото“, вели Малевски.

Тој додава дека нарушувањето на релјефот и загубата на шумите ќе значи комплетна промена на климата на ова подрачје, каде ќе бидат нарушени неговите еколошки односи по должината на јужната граница на Македонија до Битола.

„Заради многу мал притисок од луѓето просторот од Битола до Гевгелија, заедно со Мариово, е под многу мало влијание, и ден денеска и во минатото, и е многу зачуван. Тоа е нешто што треба да биде гордост на една држава, на Македонија. Во Грција тоа веќе го имаат сфатено и целокупниот тој простор е прогласен на неколку дела како Натура 2000 - тоа е нешто што за Европската унија е многу значајно“, вели Меловски.

Просторот според него треба да се зачува и да се искористи на одржлив начин, односно главно да се понуди за специјален вид на туризам. На трибината зборуваа и други професори од Природно-математичкиот факултет.

Граѓанските здруженија од Гевгелија велат дека компаниите концесиите за геолошките истражувања ги добиле во 2013 година, а во изминатиов период утврдиле дека на Кожуф можат да вадат еден до два грама злато на еден тон руда.

Тоа значи дека илјадници тони руда ќе бидат копани за да се добие килограм од реткиот скап метал кој се најчесто користи за изработка на накит, електроника и компјутери, делови за вселенски летала, за медицински апарати и друго.

Активистот Ангел Наков од здружението „Спас за нас“ од Гевгелија води кампања за референдумот наречена „Спас за Гевгелија“, против отворање на рудниците.

Тој вели дека едната локација е оддалечена два километри од градот, која се вика „Коњска река“, со површина од 900 хектари, а втората концесија „Коњско“ е оддалечена 19 километри од Гевгелија на падините на планината Кожуф на површина од три илјади хектари, меѓу селата Коњско, Кума, Серменин и локалитетот Круша.

„Каде и да се отвориле ваков тип на рудници, а во принцип се отвораат во неразвиени подрачја во Африка, Јужна Америка, Индонезија, крајниот ефект после десетина години е тотална контаминација на сите подземни и надземни води, на земјиштето и иселување на целокупното население“, вели Наков.

Локациите за рудници се на места на планината Кожуф во близина на ски-центарот за кој неодамна се зборуваше за неговата атрактивност поради пространите скијачки терени со капацитет за разој на ниво на алпските зимски центри, кои на годишно заработуваат стотици милиони евра од туризам.

Наков додава дека иако одбраните локациите се релативно сиромашни со злато, за компаниите се атрактивни бидејќи пости техника на евтино рударство.

„Ова е евтина и исплатлива постапка и затоа сите овие корпорации се завртеа и на такви релативно сиромашни руди. Македонија не е нешто поспецифична од другите држави дека нешто сме посебно богати со таков тип на руда, но за жал во Македонија не постои закон во кој е забранет цијанидот во рударството и тоа сигурно предизвика интерес кај овие мултинационални корпорации да дојдат“, вели Наков.

За ефектите врз животната средина од рудниците, тој потенцира дека ова е една од најдеструктивните стопански активности со што кои ќе се исечат автохтони букови шуми и со копање со експлозив ќе се создаваат десетици тони прашина со високо канцерогени тешки метали. Тој потенцира дека за темата малку знае целокупната јавност во Македонија со цел, како што вели, да не се вознемирува населението додека не се отворат рудниците.

Рудници во источна Македонија

Гевгелија не единствена општина каде се даваат концесии за геолошки истражувања и отворање на рудници. На повеќе локации се вршат проспекциски истражувања во источна и југоисточна Македонија, во општините Делчево, Виница, Штип, Богданци, Струмица, Гевгелија, Неготино, Кавадарци.

Дејан Маџиров од граѓанската организација „Полимат 13“ од Богданци објаснува дека ги следат сите рудници во овој дел од земјата, а најмногу рудникот „Казандол“ од Валандово.

Тој вели дека за доделувањата на концесии за проспекциски истражувања и за детални геолошки истражувања според законот компаниите не се обврзани да ја информираат јавноста, освен во јавните огласи. Доколку компании добијат концесии за работа мораат, тие освен јавна расправа мораат да направат и оценки за влијанија врз животната средина.

„Конкретно проблемот со нас и со рудникот „Казандол“ имаше јавна расправа и беше спроведена во законските рамки и беше објавено дека ќе има јавна расправа како што наложува законот, да биде објавена најмалку во еден дневен весник на цела територија на Македонија и на локални радио и ТВ медиуми, но сепак тоа не е доволно за да се информира јавноста“, вели Маџиров.

На темата денеска зборуваа и потпретседателот на „Копер Инвестмент“ Генадиј Сичов и Бошко Сибиновски, директор на Сардич МЦ - инвеститор на комплексот во „Казандол.“ Тие истакна дека рударскиот комплекс во Казандол се очекува да ја заврши работата до крајот на годинава и да почне со производство. Тие велат дека опремата која ја инсталира компанијата на оваа локација е најсовремена, дека процесот на производство е еколошки безбеден, без штетни емисии во атмосферата, подземните и површинските води.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG