Достапни линкови

Десет години како се ветува топлификација на Битола


Пред секои избори се ветува дека Битола ќе се топлифицира и така десет години, но не само што топлана не се изгради, туку и постоечката топлификација, која загреваше повеќе згради во Нова Битола, отиде во стечај.

Поминаа десет години откако паднаа првите ветувања дека Битола ќе се топлифицира. Во 2006 година, неколку месеци по парламентарните избори на кои победи ВМРО-ДПМНЕ, локалната власт раскопа улица во центарот на градот, велејќи дека ставаат цевки за топлана. Не само што не се изгради, туку и постоечката топлификација, која загреваше повеќе згради во Нова Битола, отиде во стечај.

Пет години подоцна, пред парламентарните избори, Антонијо Милошоски, носител на кандидатска листа од ВМРО-ДПМНЕ, пред битолчани изјави „имаме значаен проект за Битола, почнува на буката т, но не е ТАТ зашто ние не сме СДСМ, туку во следните четири години ќе го топлифицираме градот“.

Така, толификација се ветуваше при секои избори, па дури и на неодамна одржаните парламентарни се вети истиот проект во износ од 47 милиони евра.

Деновиве локалната опозиција обвини дека се потрошија многу пари за студии и проекти за топлификација, а градба на терен нема.

„Предизборно ветуваа топлификација на Битола и во 2011, 2013, 2014, па и на последните избори во 2016 година. На булеварот „Први Мај“ закопани се цевки во вредност од 80 илјади евра. Тоа е единственото нешто од лажниот проект за градска топлификација. Во РЕК „Битола“ за физибилити, проектна документација и адаптација на блоковите потрошени се неколку милиони евра, а топлификација ниту на повидок“, обвини Васко Ковачевски од СДСМ.

Тој додава „топлификацијата која функционираше до пред неколку години и загреваше неколку илјади семејства во нова Битола ја затворија. Во недостиг на колективно греење, граѓаните се принудени за загревање на користат огревно дрво и разни отпадни материјали, со што загадувањето на воздухот во некои денови ја надминува дозволената граница и до 20 пати“, вели Ковачевски.

Од Општина Битола велат дека ова е еден од капиталните проекти кој не може да се реализира преку ноќ.

„Во соработка со Владата на Република Македонија имаме неколку проекти кои се долгогодишни и не можат да се решат во еден ден. Подготовките се финализираат и очекувам во 2017 година во еден период да започне и изградбата на топлификација. Ќе се исплати не само од економски аспект, туку максимално и најдобро решено ќе биде загадувањето на воздухот кое во голем дел зависи од начинот на греење во домаќинствата“, вели битолскиот градоначалник Владимир Талески.

Од ЕЛЕМ објаснуваат дека во тек се административните постапки, а проектот ќе се реализира за две до три години. Велат дека основните проекти им се подготвени, а во 2017 година ќе биде распишан и јавен повик за избор на изведувач на работите.

„Веќе е изведена реконструкција на турбините на два термоблока во РЕК „Битола“, зафат чијашто вкупна вредност е четири милиони евра. Во текот на модернизацијата на РЕК Битола, во два термоблока, целосно е овозможено регулираното одземање на пареата со вградување обвојници на новите преструјни цевководи меѓу цилиндрите за среден и за низок притисок“, велат од ЕЛЕМ.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG