Пред протестот на кој граѓаните бараат мерки против алармантното загадување на воздухот, владата излезе со неколку мерки за решавање на проблемот. Еколошките организации не се задоволни од ад хок заклучоците на владата и сметаат дека тие нема значително да ја намалат концентрацијата на канцерогени честички, која е над максимално дозволените граници.
Владата само на некој начин го ублажува проблемот, зашто луѓето нема да излезат надвор, но во ниту еден случај не реагира на самиот проблем кој е релевантен за сите.Ана Чоловиќ, еколошка организација „Еко свест“.
Со заклучоците, владата им препорачува на сите работодавачи во Скопје и Тетово да ги ослободат од работни обврски бремените жени, постарите лица и хронично болните, што, пак, не e мерка, туку препорака, вели Ана Чоловиќ од еколошката организација „Еко Свест“.
„Владата само на некој начин го ублажува проблемот, зашто луѓето нема да излезат надвор, но во ниту еден случај не реагира на самиот проблем кој е релевантен за сите. Освен тоа, во мерките, освен Тетово и Скопје, Битола во скоро ниту еден случај не се споменува, што е многу чудно за нас“, вели таа.
Со мерките, Владата го задолжи Државниот инспекторат за животна средина до 4 јануари 2016 година да врши секојдневна вонредна контрола во инсталациите кои подлежат на А интегрирана еколошка дозвола, а другите општини, преку инспектори, еднаш неделно да вршат контрола на инсталациите кои подлежат на Б интегрирана еколошка дозвола.
Аријанит Џафери од еколошката организација Еко Герила од Тетово коментира дека тоа се некои мерки со кои во ниту еден случај не може да се реши проблемот и тој, слично како и останатите организации кои учествуваат во протестот, бара спроведување на пакет мерки во повеќе области, како индустријата, градежништвото, зелените површини и енергетската ефикасност.
„Владата, наместо да се занимава со козметика, треба да се занимава со модернизација на индустријата, треба да работи на гасификација и топлификација на градовите кои користат дрва, а не само да носи краткорочни мерки во време на криза“, вели тој.
Организаторите на протестот бараат забрана за движење на возила со понизок стандард од ЕУРО 4, како и возила на дизел, а Чоловиќ се чуди зошто не е донесена мерка за поинаков режим на сообраќај.
„Сообраќајот е уште една горлива тема која не сака да се таргетира од владата. Центарот за управување со кризи тука нема никаква улога досега и не знаеме што прави како институција, а тој би требало да може во алармантни состојби да диктира буквално кои мерки би требало да се преземат“, вели таа.
Имајќи предвид дека пред една недела, кога имаше протест за загадувањето во Тетово, општината донесе одлука учениците да не одат на училиште, Џафери од Еко Герила смета дека мерките кои владата ги донесе преку ноќ нема да ги спречат граѓаните кои се гушат во неколку градови во државата да го изразат нивното незадоволство од состојбата.
„Не сакам да верувам дека намерно прават да не излезат граѓаните на протест. Тогаш мислам дека е жално да имаме таква влада која само поради протест презема мерки“, вели тој.