Достапни линкови

Во Тетово се протестира оти не се дише


Сè повеќе болни и револтирани од загадувањето во Тетово. Луѓето секојдневно протестираат и бараат надлежните да им овозможат да дишат чист воздух. Во одредени денови загадувањето е 20 пати повеќе од дозволеното.

Сè повеќе расте револтот кај жителите на Тетово поради загадувањето на воздухот, а резултат на тоа се секојдневни протести по градските улици и пред општинската зграда. Анкетираните велат дека во Тетово веќе не може да се живее нормално и затоа се повеќе луѓе се одлучуваат да протестираат и да бараат надлежните да преземат мерки за намалување на загадувањето.

Воздухот е за сите нас. И затоа треба да се соединиме и да се бориме, да одеме до крај, додека да се реши овој најголем проблем.
Анкетиран граѓанин.

„Лоша е многу состојбата. Не можеш да излезеш на улица. Мирис никогаш не сме осетиле да се чувствува во Тетово. Од каде доаѓа тоа, не знам.“

„Воздухот е за сите нас. И затоа треба да се соединиме и да се бориме, да одеме до крај, додека да се реши овој најголем проблем.“

„Според мене најголема причина се возилата, депонијата тетовска и другите депонии. Недисциплинираноста на луѓето кои што фрлаат, палат контејнери низ градот.“

Игбале Ферати Прешова од здружението „Мајки и деца“ кое организираше еден од протести, вели дека поради долготрајното загадување на воздухот многу луѓе чувствуваат последици по здравјето.

„Има пораст на спонтани абортуси и затоа како мајки ние станавме. Секоја имала некое негативно искуство и затоа ние сакаме да го искажеме нашиот револт. Бараме од сите надлежни од централната и локалната власт да ни се овозможи да дишеме во нашиот град. Да ни се овозможи на нормален начин да можеме нашите деца да ги изнесеме надвор, да можеме да го продолжиме нашиот нормален тек на живеење, зошто вака не можеме да живееме. Со 996 ПМ честички концетрирани во воздухот, ние не можеме да функционираме“, вели таа.

Од граѓанските и еколошки здруженија велат дека добиваат се поголема поддршка од сите жители на Тетово.

„Ова е чисто граѓанска иницијатива без никаква политичка цел која што бара да се намали загадувањето во Тетово. Бараме добри политики за зачувување на природата. Треба да ни се обезбеди да имаме чист воздух. Бараме сите што не трујат да се затворат, не училиштата. Тој што не труе да се затвори. Нас отровот ни влегол и во куќите и во училиштата и во нашиот организам. Бараме итно прочистување“, истакна Игбале Ферти Прешова.

Повеќе од 300 денови во Тетово се бележи присуство на штетните материи во воздухот. Во одредени денови достигна и до речиси 1000 микрограми на метар кубен или 20 пати повеќе од дозволените 50.

XS
SM
MD
LG