Битолски екологисти, советници и здравствени работници стануваат сè погласни во борбата против загадениот воздух, а градоначалникот на Битола, Владимир Талески одговара дека денес е мода да се протестира за аерозагадувањето.
Сите наши мерки активности кои ги правевме во изминатиот период укажуваа на тоа дека состојбата со нечистиот воздух во Битола е алармантна. За жал, досега никој не нè слушаше.Иван Јерчиќ, иницијатива „За нас се работи“.
Снежана Стоилова, советник во општинскиот совет, а воедно и професор по хигиена во Високата медицинска школа, алармира дека во земјава годишно има над 1300 смртни случаи како последица на нездравиот воздух.
„Од загадувањето имаме зголемен морталитет и морбидитет или заболувања и умирања. Анализите што ги направија експерти од Светска банка, врз основа на еколошки и здравствени податоци издадени од Институтот за јавно здравје, покажуваат дека околу 1350 случаи годишно умираат како резултат на аерозагадувањето, а напоменувам дека Битола е меѓу трите градови каде што е најзагадено, бележиме во просек пет пати повеќе загадување секојдневно и повеќе“, вели Стоилова.
Таа додава дека според направената анализа од 2011 година, годишно во просек се трошат 253 милиони евра, што изнесува 3,2 проценти од БДП на годишно ниво како резултат на тоа што имаме намалена работна продуктивност, здравствени трошоци, отсуства од работа и слично.
Од Здружението „За нас се работи“ преку платформата „Петка за Битола“ бараат од општината итно преземање на следните мерки: посебен режим на сообраќајот во центарот на градот, прскање на улиците, јавен еколошки превоз, субвенции за електрична енергија, топлификација за институциите.
„Сите наши мерки активности кои ги правевме во изминатиот период укажуваа на тоа дека состојбата со нечистиот воздух во Битола е алармантна. За жал, досега никој не нè слушаше. Сега преминување во една нова форма на дејствување, преку петиција која масовно се потпишува и ќе биде доставена до Советот на Општина Битола“, вели Иван Јерчиќ од „За нас се работи“.
Градоначалникот Талески вели дека Битола веќе презема мерки за справување со аерозагадувањето.
„И кога е модерно да се протестира дека воздухот е загаден или колку е загаден, сакам да потсетам дека Општина Битола правеше проекти и пред оваа мода да стапи во сила. Така бевме меѓу првите општини кои направија кружни текови, ги тргнаа семафорите од улиците, меѓу првите општини донесовме план за екологија, а топловодот што се планира е вистинско решение за справување со аерозагадувањето“, вели Талески.