Достапни линкови

Идеја за враќање на реонски полицаец во Куманово


Командир Игор Митевски, полициска станица во Куманово.
Командир Игор Митевски, полициска станица во Куманово.

Градскиот совет во Куманово го разгледува предлогот повторно да има реонски полицајци кои, според нив, се неопходни за подобра безбедност на граѓаните.

Општата полициска станица во Куманово според своите надлежности минатата година во одредени области бележи намалување на некои незаконски појави, на некои зголемување во однос на 2015-та година, а од областа на превенција сите планирани проекти успешно се реализирани во соработка со ученици, млади и останати граѓани, вели командирот Игор Митевски.

„Во областа на криминалитетот забележуваме намалување за околу 16 отсто, а за сообраќајни незгоди зголемување за околу еден процент. Регистрирани се 1246 кривични дела од областа на криминалот, вкупно се реализирани 812 (62,5 отсто)како и претходната година. Поднесени 731 кривична пријава против 1.034 сторители, во кои 30 сторители се малолетни лица. Најзастапени дела се од класичниот криминалитет“, вели командирот Игор Митевски.

Во класичниот криминалитет најзастапени случаи, според Митевски, се од имотните деликти, намален е економскиот криминалитет, а најзастапени се злоупотреби на службена должност. Намален е организираниот криминал, недозволена трговија, а зголемен е бројот на нарушување на јавниот ред и мир за околу пет отсто.

„Во 2016-та година бележиме значителни активности во областа на превенција“, вели Митевски.

За тоа Валентина Јовановска советничка од ВМРО-ДПМНЕ, вели дека е добро што се бележи голем број реализирани проекти со учениците, но таа препорачува нивниот број да се зголеми, односно да се прошири.

„Продолжување на овие проекти и додавање на нови не би било на одмет“, вели Јовановска.

Советникот Драги Караџински, пак, смета дека уште од поодамна е посочена неопходноста за враќање на реонски полицаец, порано познат како позорникар, кој ќе ги познава луѓето кои се движат или живеат во тој реон, тие него ќе го познаваат и ќе имаат доверба, а полицаецот ќе открива некои несакани појави кои можат да бидат со лоши последици по граѓаните. За илустрација тој наведува личен пример кога случајно забележал противавионски куршум во непосредна близина на две основни училишта во самиот центар на градот, каде што фреквенцијата на ученици и останати граѓани секој период од денот е голема. За забележаниот куршум тој пријавил во полиција, а до нивно пристигање тој го обезбедувал.

„Чекањето беше околу 40 минути додека да дојде екипата, а потоа и друга екипа да го собере зрното, а тука се ученици од кои можело некој и да настрада, бидејќи тие не знаат што е тоа, можеле да го удрат со камен или со некој тврд предмет, тоа би можело да експлодира и некој да настрада.“

Се очекува да се разгледа предлогот за реактивирање на реонскиот полицаец, чие што значење секогаш било големо.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG