Достапни линкови

Кумановци вознемирени од палењето возила, причините веројатно банални


Девет возила во центарот на Куманово и две во дворот на болницата ноќеска биле запалени. Полицијата привела еден осомничен.

Опожарени се единаесет приватни патнички моторни возила, околу полноќ, на четири различни локации во Куманово, од кои девет возила биле паркирани во центарот на градот, а две во болничкиот двор, соопшти Валентина Николовска, портпарол во СВР Куманово. Причинета е голема материјална штета, за среќа човечки жртви и повредени нема.

Како прв човек на градот сериозно сум загрижен по настаните од 9 мај, ова уште повеќе создава конфузија, страв и паника кај граѓаните. Апелирам граѓаните да останат мирни, а МВР што поскоро да излезе со соопштение и да ги насочи мотивите за да создаде сигурност кај граѓаните.
Зоран Дамјановски, градоначалник на Куманово.

Според првичните информации едно лице е осомничено и приведено на распит, а неофицијално приведениот бил во алкохолизирана состојба, така што допрва ќе се утврди мотивот за предизвиканиот инцидент, како и дали сега осомничениот сторител бил сам или во група. Инаку, две од опожарените возила се на вработени во полицијата.

Градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски, во врска со овој настан, изјави дека првите информации ги добил од Противпожарната единица која интервенирала и дека ова не би требало да ги нарушува и онака чувствителните меѓуетнички односи.

„Како прв човек на градот сериозно сум загрижен по настаните од 9 мај, ова уште повеќе создава конфузија, страв и паника кај граѓаните. Апелирам граѓаните да останат мирни, а МВР што поскоро да излезе со соопштение и да ги насочи мотивите за да создаде сигурност кај граѓаните. Мислам дека состојбата со политичката криза уште повеќе создава некомодитет кај граѓанството во оваа Општина“, рече Дамјановски.

Кумановци кои во текот на ноќта слушнале за атакот врз возилата загрижени се и за своите возила, но и за севкупната состојба. Запрашани дали се чувствуваат безбедно граѓаните со различни мислења.

„Јас одамна не се чувствувам безбедно, зашто по 9 мај се чувствувам како да живеам во еден Истанбул, каде што секој момент може нешто да ескалира.“

„Мислам дека безбедноста подолг период е нарушена во Куманово, зашто ако се потсетиме на две експлодирани бомби пред полициска станица, потоа уште еднаш, од МВР не ги пронајдоа сторителите и не разјаснија за што се работи. Мислам дека во крајна линија може да се одрази и на меѓуетничкиот соживот во градот.“

„Не се плашам од ништо, но безбедноста се нарушува. Не мислам дека ова лошо ќе се одрази врз меѓуетничките односи.“

„Немам авто, ама не се чувствувам безбедно.“

„Единаесет возила, тоа е страшно“, велат анкетираните граѓани.

Не се чувствуваат безбедно главно кумановци кои живеат во мултиетнички средини, за разлика од оние кои живеат во еднонационални, при тоа не обрнувајќи внимание на фактот дека опожарувањето на возилата се случило на различни локации, а и сопствениците се од различни етникуми.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG