Достапни линкови

Оџаците треба да се чистат пред да почне грејната сезона


Бобан Јаневски, оџачар од Куманово
Бобан Јаневски, оџачар од Куманово

Кога ќе почне снегот да паѓа, тогаш ме викаат да работам, раскажува оџачарот Бобан Јаневски од Куманово. Тој посочува дека оџаците треба да се исчистат пред да почне грејната сезона.

Оџачарот е најбараниот човек во зимските денови, не само во Куманово. Неговиот обем на работа во вакви периоди сè повеќе се зголемува, повици има како од градот, така и од селата од околните општини, зашто поради високата цена на електричната струја граѓаните сè повеќе се ориентираат на затоплување на домовите со печки на цврсти горива, вели оџачарот Бобан Јаневски (45) од Куманово.

Тој како невработен ветеринарен техничар се обучил за оџачарскиот занает, а потоа си основал и сопствена фирма.

„На почетокот малку ми беше тешко и непријатно, оти од ветеринарен техничар до оџачар има голема разлика. Со текот на времето ја засакав оваа работа и сакам и на син ми да му ја оставам. Премногу љубов имам, иако е ризична и тешка. Се работи повеќе зиме, отколку лете, но јас си ја сакам. Додека сум жив и здравјето добро да ме служи оваа работа ќе ја работам. Премногу ја засакав, а син ми и факултет да заврши, тоа е под задолжително, нека го знае занаетот и секогаш во слободно време може да облече комбинезон и да работи како оџачар“, вели тој.

Бобан раскажува дека нашите луѓе сè уште не научија дека оџаците се чистат и одржуваат пред да започне грејната сезона.

„Кога ќе почне снегот да паѓа, тогаш ме викаат да работам. Инаку, оваа работа е многу ризична и треба голема претпазливост, особено кога е зима. Оџакот се чисти еднаш до два пати годишно. Пред грејната сезона, а можно е и во текот на зимата, зависно од тоа што се користи за затоплување“, вели тој.

Иако за брикетите се вели дека се еколошки затоплувачи и енергетски подобри од дрвото, Бобан додава дека дрвото е најдобро за огрев, а брикетите некогаш се произведуваат без контрола поради што во нив се става секаков отпад.

„Затоа тие најповеќе го затнуваат оџакот“, вели тој.

Овој насмеан оџачар додава дека занаетот го работи со гордост, без оглед што рацете и лицето секогаш му се гаросани. Тој им носи и среќа на луѓето. Не само поради исчистени оџаци, туку често пати му се случува да го сретнат непознати и да го поздравуваат велејќи му дека таму каде што ќе се појави денот тргнува кон подобро. Бобан со насмевка вели дека нема друг занает или професија во кој луѓето веруваат дека носи среќа.

Лете, кога нема многу оџачарска работа, Бобан е принуден самиот да се преквалификува, оти семејството треба да егзистира. Тогаш работи како градежен работник или закупува тезга на пазарот и продава градинарски и овоштарски производи.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG