Достапни линкови

Солидарноста во водство


Марија Павлеска, студент и активист.
Марија Павлеска, студент и активист.

Ако престанеме да дишеме, ние умираме. Но, ако престанеме да се бориме против неправдите, тогаш светот умира. Ако секој од нас вложува во тоа да биде најдобра верзија од себе и активно се ангажира во креирање на промени можеби сепак има надеж за подобро утре, пишува активистката Марија Павлеска во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Минатата недела на МРТ го прикажаа филмот „Медена ноќ“ и на Фејсбук ги проследивме реакциите: „Актерите феноменални, приказната како за нас погодена, министри, заменици, прислушувања, режим“. Сите во постовите нагласуваат: „сниман пред објавувањето на бомбите“. Филмот имаше премиера на Скопскиот филмски фестивал во 2015 или во превод пред две години.

Премиерите не се за обични смртници никогаш, на билетарница билети нема, сите се пратени во покана. На премиера се појавуваат пријателите и непријателите, уредно поканети од оние кои го работеле филмот, да се сликаат гушнати сите заедно. Од куртоазија се смешкаат и си честитаат на уште еден македонски филм. Критика не се пишува. Се реобјавува „добра критика на Variety“ на неколку портали, делче извадено во објавата со линк кој води до целиот текст.

Филмот Медена ноќ е инспириран од новелата „Уво“ на Јан Прохаска. Авторот на „Готленд“, Мариуш Шчигел, летово гостуваше и во Скопје на промоција на својата книга. Во едно поглавје од книгата е опишана неговата средбата со режисерот Кахина. При разлистување на сценариото, испаѓа ливче кое е всушност писмо од авторот Прохаска. Кахина го охрабрува Шчигел да го отвори и прочита. На ливчето пишува: „Оваа приказна е измислена. Работите што навистина се случија, беа многу, многу пострашни“.

Каква е нашата пострашна историја и кој ја запишува, а кој ја памети?

И во една претстава во МКЦ работена уште во 2014 година, „Кој пукаше на 21ви“ за револуцијата во Романија и падот на Чаушеску се базира на она што го работи Секуритате. Во Источна Германија тоа се Штази. Само кај нас се тоа Странски служби. Ние го имаме СЈО. Но, уште колку долго, не знаеме.

Незамисливо е како на една толку алармантно жешка тема тие кои присуствувале реагирале со климање на главите дека гледале „само добар филм“, а во себе го носеле сомнежот кој потоа им се потврди како точен дека и кај нас се прислушувало.

„Во истата книга има и ваков дел : „Зошто ние молчиме? - се прашува Јарка.

- Веројатно затоа што премногу луѓе исчезнуваат - вели колешката“.

Кај нас исто премногу луѓе исчезнуваат, со чекирање на билет во еден правец на аеродром.

***

Кога живееш покрај клинички, автобусите најчесто се полни со патици кои дошле на преглед од другите градови. Влегува жена и оди на вратата кај шоферот по билет. Најверојатно ѝ објаснува дека нема веќе хартиени билети и дека треба да купи картичка од 150 денари. Жената одговара, но јас сум од Битола и ми треба едно возење до меѓуградска автобуска. Жената излегува од автобусот. Надвор е -13, јануари 2017.

Електронските картички се добра работа за жителите на градот, но мора да се најде и начин за оние кои доаѓаат на еден ден. Пациенти до болниците во главниот град, туристи, гости итн. Мора да има и за нив решение и тоа требаше ЈСП да го има решено, да направи план и истражување во кое ќе ги опфати сите категории на граѓани кои користат јавен превоз, потоа да провери како е во други земји каде електронскиот систем функционира (еве да појдеа до Белград каде може да се купи покрај пластична и книжна картичка која може електронски да се чита и важи временски меѓу еден и три денови). Постојат многу опции за системот да функционира за сите, ама како да им се објаснат на оние кои одлучуваат навистина е мистерија. Затоа нив умот им е свртен уште пред да започне да врти Панорамското тркало.

***

Сите ја осудија 2016 како најлоша година по сите настани кои се случија од поплави до студови, од терористички напади до квази демократски избори. Во 2016 потфрлија тие кои треба да штитат, да помагаат, да евакуираат, да санираат. Оние кои се платени и се надевавме обучени да го прават тоа. Потфрлија на секој еден начин, но тоа поттикна секој еден од нас да почне да размислува како тој придонесува. Во 2016 сум горда на сите пријатели и познаници кои зедоа лопати и заминаа да чистат кал во поплавените подрачја, на оние кои неуморно собираа донации и ги пренесуваа директно до оние на кои им беа најпотребни. На луѓето од Социјалниот центар Дуња и волонтерите кои ги отворија вратите за бездомниците во овие студени денови. На оние барови и кафулиња кои одеа и чекор понатаму и вдомија и кучиња од улица за ни тие да не смрзнат во овие поларни денови. Солидарноста и покрај сите ужаси кои се случија е во водство. Има многу примери, многу индивидуалци и многу здруженија, многу мали херои со вистински срца и токму тие треба да ни бидат мотив и инспирација низ оваа Нова година и покрај сите предизвици кои 2017 ги става пред нас.

Ако престанеме да дишеме, ние умираме. Но, ако престанеме да се бориме против неправдите, тогаш светот умира. Сите реагираат со овации на дофрлена тројка, но само еден поен разлика е доволно за да се прогласи победа. И ако секој од нас вложува во тоа да биде најдобра верзија од себе и активно се ангажира во креирање на промени можеби сепак има надеж за подобро утре.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG